Американскиот претседател Доналд Трамп го одобри договорот за американските операции на социјалната мрежа ТикТок, постигнат помеѓу кинеската компанија БајтДенс и американските компании Оракл и Волмарт.
Договорот го предвидува основањето на нова компанија со име „TikTok Global“ која ќе раководи со платформата, а чие седиште ќе биде на американска територија, веројатно во Тексас.
Мнозинството од акциите на компанијата ќе бидат поседувани од страна на американски инвеститори, при што компаниите Оракл и Волмарт ќе поседуваат 20% од акциите (12.5% и 7.5%, соодветно). Кинеската компанија БајтДенс ќе продолжи да поседува дел од акциите на ТикТок.
Мнозинството од членовите на Бордот на директори ќе бидат американци, вклучувајќи ги позициите на генерален извршен директор и директор за безбедност на компанијата. Технолошкиот гигант Оракл ќе биде задолжен за чување на корисничките податоци на ТикТок.
За генерален извршен директор на новиот ТикТок се шпекулира со името на ко-основачот на Инстаграм, Кевин Систром.
Според соопштението на новите мнозински акционери на ТикТок, овој договор и формирањето на новата компанија TikTok Global на американските граѓани ќе им донесат 25.000 нови работни места и повеќе од 5 милијарди долари во државниот буџет во форма на даноци.
За финализирање на договорот преостанува уште одобрувањето од кинеските власти.