Вообичаено станува збор за реклами на топ светските брендови кои најчесто премиерно се прикажуваат на Супер Боул, чинат исклучително многу скапо (достигнале пик и до 5,6 милиони долари за едно 30 секундно прикажување, а во просек ретко се спуштаат под 4 милиони за 30 секунди). Феноменот на екстремно скапи Супер Боул реклами се должи на исклучително големата гледаност на натпреварот (околу 115 милиони гледачи) и широката демографска структура која се покрива, но во последно време, да те има на Супер Бол стана престиж и само по себе. Многу од гледачите на истражувањата ширум САД рекле дека всушност натпреварот го гледаат и само поради рекламите на брендовите.
Сето ова го знаат и политичарите па оваа година двајца од претендентите за претседателската функција Доналд Трамп и Мајкал Блумберг решиле да не останат покуси од светските брендови и тие како докажани “брендови” се одлучија да инвестираат во прикажување на свој политички спот за време на овој спортски натпреват. Ова е прв случај кога политичари закупиле свое адвертајзинг време за приказ пред националната популација за време на популарното НФЛ финале. Претходно во 2008 и Обама имал свој Супер Боул спот, но тој тогаш се одлучил на поскромна варијанта и наместо кон целата популација, сегментирал неколку битни држави каде ќе го прикажува спотот.
Значи толку од немешање на политика и спорт во САД.
Комуникацискиот директор на кампањата на Трамп, господинот Тим Муртог дури и јавно соопшти дека им е многу ќејф што успеале навреме да се договорат, а во декември и да платат за да добијат премиум пласман на нивниот политички спот. Тој смета дека ова е топ прилика да се обратат кон женската, афро-американската и латино популацијата во САД и тие да ја чујат пораката на “брендот” Трамп.
Супер Боул е на 2-ри февруари.