Поранешниот американски претседател Доналд Трамп лансира своја социјална мрежа „Truth Social“, за која рече дека „ќе им се спротивстави на високотехнолошките компании“, како што се „Твитер“ и „Фејсбук“, кои му забранија пристап до нивните платформи.
„Truth Social“ ќе се создаде преку нова компанија формирана со спојување на Trump Media and Technology Group (TMTG) и посебна компанија за реализација на тој бизнис аранжман, се вели во соопштението до медиумите доставено од двете компании.
„Живееме во свет каде Талибанците имаат огромно присуство на Твитер, но вашиот омилен американски претседател беше замолчен. Тоа е неприфатливо “, истакна Доналд Трамп во писмена изјава.
„Возбуден сум што наскоро ќе ја испратам мојата прва“ вистина на Truth Social. TMTG е основана со мисија да им даде глас на сите. „Возбуден сум што наскоро ќе почнам да ги споделувам моите размислувања на новата платформа и да се борам против големите високотехнолошки компании“, додаде Трамп.
Претставникот на Трамп за Ројтерс ја потврди содржината на соопштението за јавност на TMTG, додека портпаролката на Трамп, Лиз Харингтон, твитна копија од изјавата.
Според објавата, Trump Media and Technology Group и Digital World Acquisition Group ќе се спојат во една компанија доколку бидат одобрени од регулаторите и акционерите.
“Truth Social“ планира да лансира бета верзија на апликацијата за „поканети гости“ во ноември, по што ќе следи национално лансирање во првиот квартал од 2022 година.
Новата компанија, исто така, има планови за услуги за претплата на видеа на барање која вклучува забава, вести и подкасти.