TransferWise објави дека обезбедила нови средства во вредност од 292 милиони долари по секундарната продажба на акции, која ја оцени 3,5 милијарди долари. Ова ги прави најскапиот европски стартап, пишува „Форбс“.
Основана во 2011 година од страна на двајца Естонци, TransferWise има сопствена мобилна апликација и веб-страна, кои им овозможуваат на корисниците да праќаат пари во странство брзо, со многу поволен девизен курс и без такси или со минимални трошоци по трансферот. Таквите финтек компании се директен предизвик за банкарскиот сектор, каде што меѓународните трансфери се една од најскапите услуги.
TransferWise има 5 милиони корисници ширум светот и управува со 5 милијарди фунти месечно. Компанијата, која вработува 1.600 лица во 12 канцеларии, тврди дека ќе им заштеди на клиентите една милијарда фунти годишно, кои би отишле на банкарски трошоци.
Подемот на TransferWise е сигнал за компании како Western Union, како и големи банки низ целиот свет. TransferWise, која исто така се натпреварува со стартап компании како Currencycloud и Revolut, изјави дека не му треба повеќе капитал во моментов. Наместо тоа, компанијата им дава можност на вработените и првите инвеститори да продаваат дел од своите акции во компанијата.
Со својата нова проценка од 3,5 милијарди долари TransferWise стана највредниот стартап во Европа, надминувајќи ја и британската финтек банка OakNorth која се проценува на 2,8 милијарди долари.
Новите инвеститори во последната рунда ги вклучуваат Lead Edge Capital, Lone Pine Capital и Vitruvian Partners. Постојните инвеститори Andreessen Horowitz, позната компанија за ризичен капитал во Силиконската долина, која поддржува компании како Facebook и Airbnb во првите нивни денови, и фирмата за управување со инвестициите Baillie Gifford, како и BlackRock.
Нимај Мехта, генерален партнер во Lead Edge Capital, вели во соопштението: „Светот се движи кон потранспарентен начин на водење бизнис и ние сакаме да бидеме дел од тоа. Меѓународните трансфери претставуваат пазар од неколку трилиони долари, кој досега беше доминиран од банките кои ги држеа цените вештачки високи и трансакциите – бавни. TransferWise го смени сето тоа“.