Американскиот трговски ланец “Волмарт“ нареди повлекување од продажба на насилни видео игри, реклами, како и други знаци на насилство од продавниците, после масакрот во кој напаѓач на 21 годишна возраст уби 22 лица во трговскиот центар “Волмарт“ во Ел Пасо.
Американската корпорација за малопродажба одлучи да го преземе овој чекор набргу откако Universal ја повлече својата рекламна кампања за насилниот трилер „Hant“ и откако ESPN и ABC го повлекоа своето емитување на турнирот на X Games “Apex Legends“.
Бројните корисници на социјални мрежи го повикаа трговскиот ланец „Волмарт” на итна акција за отстранување на насилната содржина. Ланецот не реагираше веднаш, но одговори на барањата на исплашените Американци, јавуваат американските медиуми.
„Ја презедовме оваа акција од почитување, поради инцидентите што се случија, но оваа акција нема да влијае на долгорочната промена во нашиот асортиман на видео игри“, изјави Тара Хаус од секторот за корпоративни комуникации на Волмарт.
Волмарт претходно изјави дека нема планови да ја запре продажбата на оружјето. Волмарт е еден од најголемите продавачи на оружје и муниција во САД, а ваквите производи се достапни во половина од нивните 4.750 продавници низ САД.