Започнато е пријавувањето за четвртото издание на БЕАМ – националниот фестивал за креативност и извонредност во организацијата на настани, организиран од Асоцијацијата на ивент индустријата (ИВАП). Фестивалот и оваа година ќе ги обедини водечките професионалци од маркетингот, културата и забавната индустрија за да ги награди најуспешните проекти реализирани во 2025 година.
Пријавувањето започнa на 5 ноември и ќе трае до 30 јануари 2026 година. Право на учество имаат сите компании и организации што реализирале настани во 2025 година, во една или повеќе категории кои го опфаќаат целиот спектар на индустријата: од бренд-активации, конференции, фестивали, културни, корпоративни или спортски настани.
Сите информации и општите правила се достапни на www.БЕАМfestival.mk.
Во пресрет на новото издание, објавена е и жири комисијата составена од реномирани професионалци од маркетинг, бизнис, медиуми, култура и креативните индустрии. Нивната различна експертиза обезбедува стабилен, независен и транспарентен процес на оценување.
Членови на жири комисијата се:
- Ана Зафирова – Фриленс новинарка и експертка по комуникации
- Ангелка Пеева Лауренчиќ – Image PR, Managing Director
- Антоанела Петровиќ – Директор на маркетинг и маркетинг на купувачи во Жито Лукс
- Блета Бегу – Експерт по комуникации
- Борис Ефтимовски – Основач на Маркетинг 365
- Бранкица Толевска – Раководител за бизнис трансформација и корпоративни комуникации, А1 Македонија
- Вардан Тозија – Филмски и ТВ режисер
- Душан Марковиќ – Корпоративен маркетинг и ПР директор – Малиќи Груп
- Елена Белевска – Лидер за корпоративни комуникации, Македонски Телеком
- Ели Пешева – директорка за комуникации, Њу Момент – Скопје
- Ивана Новаковска Куновска – Ко-сопственик и креативен директор, Боттега Евенти
- Ивана Петревска – Маркетинг директор, Шпаркасе Банка
- Ира Бабиќ – Експерт по комуникации, основач и извршен директор на Brand Union
- Лара Чашуле – Директор за сервис на клиенти во Меккен Скопје
- Марија Ивановска – маркетинг директор на Тиквеш
- Мишко Караџоски – Executive manager, Skymusic
- Невена Поповска – Новинар
- Норик Селими – Претприемач, основач на Motivi, Pikasa Analytics и Kariera
- Огнен Јанески – ТВ лице, автор, модератор и меѓународен консултант
- Полексена Јанкуловска – Маркетинг директор во Бимилк и регионален маркетинг менаџер во Имлек
- Сунчица Бојаџиева – Events & Experience Director, Publicis Groupe Macedonia
„Четвртото издание за нас има посебна тежина. По три години во кои ја градевме довербата и стандардите за натпревар, БЕАМ веќе прераснува во платформа што ја обединува целата заедница, од агенции и маркетинг професионалци, до културни институции, брендови и млади тимови. Нашата цел останува иста – да создадеме фер, транспарентен и професионален систем што го вреднува вистинскиот квалитет. Секоја година гледаме сè поамбициозни проекти, а тоа значи дека индустријата расте – и ние растеме со неа“, вели Маја Бабиќ, директорката на БЕАМ Фестивалот.
Ова издание носи два значајни чекори напред. БЕАМ од годинава е придружен партнер на BEA World, најпрестижниот европски фестивал за извонредност во организацијата на настани. Партнерството ја зголемува меѓународната видливост на локалната индустрија и го позиционира БЕАМ како платформа што природно се движи кон европските стандарди. Дополнително, БЕАМ од оваа година се отвора кон регионот со воведување на новата Адриа категорија, создадена да ја истакне креативноста, продукциската сила и иновативноста на проектите од Хрватска, Србија, Словенија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија и Косово.
„Она што ме радува најмногу е што БЕАМ станува место каде енергијата на индустријата навистина се чувствува. Минатите три години видовме фантастични проекти и неверојатна посветеност и знам дека оваа година ќе биде уште посилна. Воведувањето на Адриа категоријата е логичен чекор, нашата сцена одамна комуницира со регионот, а сега им даваме простор тие врски да бидат и формално препознаени. Ја охрабрувам целата заедница да аплицира – не само заради наградата, туку заради видливоста, вмрежувањето и чувството дека си дел од нешто што ја движи индустријата напред“, додава Бабиќ.
Доделувањето на наградите ќе се одржи на свечена Гала церемонија на почетокот на март 2026 година. БЕАМ ги очекува пријавите.
БЕАМ останува движечка платформа која ги охрабрува професионалците да размислуваат посмело, да создаваат подобро и да ги подигнуваат сопствените стандарди.


















