На 26 мај, претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, јавно на Твитер го искажа своето несогласување со предлогот за гласање преку пошта за претстојните претседателски избори во ноември. Според Трамп, масовното гласање преку пошта е подложно на манипулација и може да доведе до „наместени“ избори.
Притоа, претседателот Трамп ја нападна Калифорнија, поточно гувернерот Гевин Нусам од Демократската партија, обвинувајќи го дека ќе испрати гласачки ливчиња до сите кои живеат во Калифорнија, без разлика „кои се и како стигнале тука“. Иако, на пример, Трамп пред неколку месеци својот глас за локалните избори во Флорида го испрати преку пошта.
Социјалната мрежа Твитер на тоа одговори така што на твитовите на Трамп постави fact-check предупредување дека искажаните ставови на Трамп се невистинити.
Портпаролот на Твитер, Трентон Кенеди изјави дека твитот на Трамп за гласањето преку пошта не ги крши правилата, бидејќи „не се обидува директно да ги одврати луѓето од гласање“ туку содржи „погрешни информации за процесот на гласање, посебо за испраќање на гласачките ливчиња“.
Очекувано, тоа предизвика остра реакција од Трамп кој веднаш ги обвини Твитер за мешање во претседателските избори.
“Твитер сега се меша во претседателските избори 2020. Вели дека е некоретна мојата порака дека гласањето преку пошта ќе доведе до масовна корупција и измама. Тоа го кажа врз основа на проверка на податоците кои си спреведува Си-Ен-Ен – Лажни вести, како и Вашингтон пост на Амазон. Твитер во целост ја задушува слободата на говор и јас, како претседател нема да дозволам тоа да се случи“, напиша Трамп на Твитер.
Еден ден подоцна, генералниот извршен директор на Фејсбук, Марк Зукерберг, гостуваше на “The Daily Briefing” на Фокс Њуз и го нападна Твитер во однос на нивната постапка против Трамп. Првиот човек на Фејсбук посочи дека компаниите не треба да бидат арбитри на вистината.
„Ние имаме поразлична политика од Твитер во однос на ова. Приватните компании веројатно не треба да бидат во позиција да го прават тоа, особено ваквите платформски компании“, истакна Зукерберг.
Истиот ден со одговор на прозивката се јави и генералниот извршен директор на Твитер, Џек Дорси, кој напиша: „Ние ќе продолжиме да укажуваме на неточни или спорни информации во врска со сите избори на глобално ниво. Тоа не нé прави „арбитри на вистината“. Нашата намера е да ги поврзуваме точките на спротивставените ставови и да ги претставиме спорните информации, за луѓето сами да можат да донесат оценка. Поголема транспарентност од нас е критична за луѓето јасно да можат да ја видат причината позади нашите акции.“
Целиот овој „љубовен триаголник“ се случува во време кога Трамп ја засили својата реторика против социјалните мрежи, обвинувајќи ги за фаворизирање на левичарската идеологија.
Неодамна, Вашингтон Пост објави дека Трамп планира да основа и посебна комисија која ќе истражува дали социјалните платформи навистина ги задушуваат десничарските мислења искажани на истите тие платформи, што би значело кршење на слободата на говорот загарантирана со американскиот Устав.