Во земјите од регионот изминатиов период започна едно шоу, за кое верувам сите сте слушнале, се вика ТЛЗП (Твоето лице ми звучи познато).
Ние не сме ништо “подолу“, во Македонија има шоу ТРЗМ -Твојата реклама ми звучи познато !
Епизода бр.1
Реклама на Тинекс во склоп на нивната корпоративна кампања “Секој ден со Вас“ која во етер беше пуштена на 11 септември 2014:
Речиси еден месец подоцна на YouTube (на 10 октомври 2014) е поставена оваа реклама на VIVA која деновиве имаме прилика да ја видиме и на неколку ТВ станици:
Маркетинг365 ги контактираше двете компании и побара од нив коментар за оваа “сличност“.
Цветанка Христовска, Бренд директор на Тинекс ни изјави : “По повод 20 години Тинекс, јубилеј кој го прославуваме оваа година реализиравме корпоративна кампања “Секој ден со Вас“ во чиј склоп имаме и ТВ реклама која почна да се емитува на 11 септември 2014. Многу се изненадив кога деновиве ја видов рекламата на Вива која ги комуницира истите пораки во многу сличен стил и нарација….Морам да кажам дека жалам што нашата реклама не инспирираше нова креативност, туку напротив, копирање“
Од Viva за жал не успеавме да добиеме коментар иако уредно побаравме преку нивната контакт форма на официјалниот веб сајт. Секако би сакале да го чуеме и нивното размислување за сличноста меѓу рекламите и отворени сме да го пренесеме во моментот кога ќе го добиеме.
——надополнето——-
Неколку часа после објавувањето на статијава, добивме одговор од компанијата Вива. Нивниот коментар за сличноста на рекламите е следен :
“Во двете реклами на кои се повикувате, единствената сличност е само 20 годишниот јубилеј на компаниите и гласот кој ја чита нарацијата во двете реклами, кој Вива повеќе години го користи во своите реклами. Тинекс следи приказна на различни поединци и семејества, кои се нивни клиенти, а Вива ја следи исклучиво приказната на еден лик, кој со нашите производи минува низ убавите моменти на детството, адолесценцијата, семејниот живот. Не ни е јасно, каде ги видовте другите сличности.
Се случува, во рекламите и маркетингшките кампањи да има слични ситуации, реализации и промоции, и во локални и во светски рамки. Но, ова не е една од нив. Ние како компанија во ниеден момент не би копирале идеја, посебно не од компанија како Тинекс со која веќе 20 години градиме успешна партнерска соработка“
– Има предлози за епизода бр. 2 ?