Од сите економски сектори, пандемијата особено тешко го погоди туризмот. Државите активно размислуваат за различни начини на кои повторно ќе ги привлечат посетителите, а голем дел од нив и веќе започнале со нови кампањи. Таков е случајот и со Нов Зеланд, како една од омилените дестинации на светските туристи пред здравствената криза.
Во својата најнова промотивна туристичка реклама, дел од кампањата „Направете нешто ново“ („Do Something New“), туристичкото биро на Нов Зеланд се одлучи за еден хумористичен пристап со кој сака да ги натера посетителите да уживаат во своите сопствени искуства при посетата на државата, наместо да ги следат популарните трендови на социјалните мрежи.
Имено, рекламата се исмева со клише фотографиите кои можат да се најдат на „секој втор“ инфлуенсерски профил на Инстаграм, повикувајќи ги посетителите да престанат да патуваат под „социјалното влијание“ и да се одлучат за нешто оригинално и скроено по „своја мерка“.
Главна ѕвезда во рекламата е комичарот Том Сејнсбери, кој игра улога на ренџер на измислената „СОС – служба за социјално набљудување“, чија задача е да ги патролира познатите туристички локации во Нов Зеланд и да ги опоменува интернет-конформистите.
На крајот од напорниот работен ден, Сајнсбери истакнува: „Понекогаш е навистина тешко, знаете. Бидејќи постојат многу други одлични фотографии покрај вашите вообичаени (Инста)Грам фотки.“