Американската стриминг платформа за спортски содржини FuboTV поднела тужба од 1 милијарда долари против медиумските гиганти Disney, Fox, Warner Bros Discovery и нивните филијали, поради, како што тврдат, распространетите антиконкурентни практики.
Вчера ја пренесовме веста дека три од најголемите американски медиумски компании – Disney, Fox и Warner Bros Discovery, планираат да лансираат заедничка стриминг платформа за спортски содржини, за што FuboTV сега тврди дека претставува кулминација на обемниот и незаконски напор на овие компании да се поткопа нивната услуга и да се „отсече“ конкуренцијата на пазарот за стриминг на спортски содржини во живо.
Како дел од планираниот договор, FuboTV вели дека медиумските конгломерати се обидуваат да ѝ ја одземат можност да понуди свој „мал пакет канали фокусирани на спортот, што сега сакаат да ги вклучат во новата услуга“ – пренесува Wall Street Journal.
Тужбата била поднесена во федералниот суд во Њујорк, со тврдење дека вертикално интегрираните медиумски организации со години систематски се обидуваат да го попречат стриминг бизнисот за спортски содржини на FuboTV преку практиката на „здружување“ на понуди од различни платформи кои потоа би им биле претставени на потрошувачите како еден единствен производ. Како резултат на тоа, велат од компанијата, конкуренцијата во спортскиот стриминг простор е задушена и Fubo е принуден неправедно да се прилагоди и да нуди неспортски канали за да остане конкурентен на пазарот.
Претходно, Bloomberg Law извести дека американското Министерство за правда веќе планира да започне антимонополска истрага за најавеното здружување на Disney, Fox и Warner Bros. Discovery, кои веќе контролираат над половина од американскиот пазар за спортски права.