Компанијата Твитер соопшти дека ќе побара од своите корисници самите да ги отстранат твитовите во кои наведуваат штетни, лажни или погрешни тврдења за вакцинација против коронавирусот, јавија британските медиуми.
Оваа социјална мрежа соопшти дека од корисниците ќе биде побарано да ги избришат коментарите во кои се наведува дека вакцините се „намерно создадени да предизвикаат штета или полесно да се контролира населението, вклучително и коментари во кои се наведува дека вакцините се дел од глобален заговор“.
На корисниците на Твитер, исто така, ќе им биде забрането да пишуваат дека пандемијата не е реална или не е сериозна и дека вакцинирањето е непотребно.
Твитер исто така соопшти дека од почетокот на следната година тие можат да започнат со обележување или предупредување на твитови кои промовираат „неосновани гласини, спорни тврдења, како и нецелосни или вонтекстуални информации“ за вакцините.
Портпаролот на Твитер објави дека компанијата, заедно со партнерите од јавното здравство, ќе утврдат кои дезинформации за вакцините се доволно штетни за да се оправда отстранувањето.