Социјалната мрежа Твитер се обидува на различни начини да излезе од хаосот и да се врати во колосек, најново одлучувајќи да ја укине забраната за платени политички реклами која што беше воведена во ноември 2019 година во услови на бурниот период пред американските претседателски избори во 2020 година.
„Ние веруваме дека огласувањето засновано на каузи може да го олесни јавниот дискурс околу важни теми. Денес, ја релаксираме нашата огласувачка политика во САД за реклами засновани на општествени каузи“ – соопшти Твитер.
Во моментов, не се знае многу за тоа до каде социјалната мрежа планира да ги „релаксира“ правилата, иако оваа промена ќе ја доближи до другите платформи како Фејсбук и ЈуТјуб, кои што дозволуваат политичко рекламирање.
Во изјава за Ројтерс, директорката за доверба и безбедност на Твитер, Ела Ирвин, објасни дека „рекламите засновани на каузи“ ќе може да опфаќаат цела низа на прашања – од образование до регистрација на гласачи, климатски промени или владини програми.
Од Твитер исто така истакнаа дека ќе ја усогласат својата огласувачка политика „со онаа на телевизиите и другите медиумски издавачи“.
Притоа, платформата вети дека ќе се погрижи нивниот нов пристап за прегледување и одобрување на содржини да ги штити корисниците на Твитер.