Социјалната платформа Твитер оваа недела соопшти дека тестира начин за имплементирање на систем за “Upvote” (Like) и “Downvote” (Dislike), со цел да им се помогне на корисниците да препознаваат кои коментари се најкорисни.
За време на тест-периодот, само одредени корисници на Твитер преку iPhone ќе имаат пристап до функцијата. Меѓутоа, од компанијата не посочија точна бројка колку корисници ќе бидат вклучени во тестирањето.
„Дислајковите“ нема да се појавуваат јавно, додека пак „Лајковите“, како и досега, ќе бидат видливи за сите. Копчињата ќе се јавуваат во вообичаената форма на икони со кренат и спуштен палец.
„Ова ќе им даде на луѓето можност приватно да го искажат своето мислење во однос на квалитетот на некој коментар без јавно да ги засрамуваат другите, истовремено давајќи понијансиран фидбек“, посочи Коди Елам, истражувач за корисничко искуство во Твитер.
Според компанијата, лајковите и дислајковите нема да влијаат врз тоа како коментарите се рангирани, но може да го променат начинот како апликацијата ги предложува најрелевантните коментари во некоја дискусија.