Социјалната мрежа Twitter ги објави финансиските резултати за вториот кваратал од годината. Но, иако вкупниот број на корисниците на платформата се зголемил за 8.8 милиони профили, приходите на компанијата забележаа значителен пад.
Вкупните приходи на Твитер во вториот квартал на годината изнесувале 1.18 милијарди долари, што е пад во споредба со приходите од 1.19 милијарди за истиот период лани и значително помалку од проекциите за достигнување 1.32 милијарди долари.
Во однос на приходите од огласување, кои сочинуваат 90% од вкупните приходи на компанијата, забележан е мал раст од 2%, достигнувајќи вкупна бројка од 1.08 милијарди долари, што е сепак далеку помалку од очекувањата на аналитичарите за огласувачки приходи од 1.22 милијарди долари.
Како причини за падот во приходите на Твитер од компанијата го посочија ослабениот огласувачки пазар, но и целата драма поврзана со Елон Маск кој сакаше да ја купи компанијата за 44 милијарди долари, пред да се повлече од договорот.
Неодамна, Твитер поднесе тужба против Елон Маск, според која милјардерот наводно приредил спектакл со кој го нарушил угледот на компанијата и влијаел врз нејзината вредност. Судскиот процес се очекува да започне во октомври.