Генералниот директор на социјалната мрежа Твитер, Елон Маск, соопшти дека платформата ќе им забрани на корисниците да споделуваат линкови кои водат до други социјални мрежи, а истовремено ќе ги „банира“ корисничките профили чија главна цел е да промовираат конкурентни платформи.
Во сега веќе избришана објава, од компанијата објаснија дека ќе острануваат профили „создадени исклучиво со цел да се промовираат други социјални платформи и содржини што содржат линкови или кориснички имиња за следните платформи: Facebook, Instagram, Mastodon, Truth Social, Tribel, Nostr и Post“.
Меѓутоа, како и со другите промени претходно, се чини дека Твитер ја ублажи првичната забрана, оставајќи многу корисници збунети околу тоа кои линкови се дозволени за споделување.
По укажани недоумници од страна на некои корисници, Елон Маск се согласи дека е „разумно“ корисниците на Твитер да можат да ги линкуваат своите профили на Инстаграм или Фејсбук со цел да ги промовираат своите бизниси.
„Политиката ќе биде приспособена на суспендирање на профили само кога примарната цел на тој профил е промоција на конкурентите, што во суштина потпаѓа под правилото за недозволено спамирање“, појасни подоцна Маск, додавајќи дека во иднина ќе има гласање за големите промени на платформата.
Во согласност со претходното, Елон Маск потоа објави анкета на Твитер во која ги праша корисниците дали треба да се повлече од функцијата генерален директор на Твитер, ветувајќи дека „ќе се придржува до резултатите од анкетата“ кои би требало да го дознаеме наскоро…