Социјалната мрежа Twitter соопшти дека ќе започне да додава описи и избрани твитови кон некои од популарните, трендирачки теми кои ќе се појават на платформата, со цел да им помогне на корисниците да разберат зошто токму тие теми станале популарни.
Компанијата објави дека веднаш ќе започне со додавањето на избрани твитови кон трендирачките теми на апликациите за iOS и Android, а наскоро тоа ќе се случи и за веб платформата на Twitter. Описите на популарните теми ќе почнат да се имплементираат во следните недели.
Кои твитови ќе бидат избрани за да се прикачат кон популарните теми ќе биде одлучувано во комбинација на автоматизиран алгоритам и човечка контрола, додека пак описите исклучиво ќе бидат додавани од човечка рака. Алгоритмот на платформата ќе биде искористен со цел да се спречат спамирачки и штетни твитови да бидат прикачени кон популарните теми.
Според Твитер, над пола милион луѓе во 2019 година јавно поставиле прашање на платформата зошто некоја тема станала популарна т.е. трендирачка.