ОД КОМПАНИЈАТА СООПШТУВААТ ДЕКА TWITTER ЌЕ ГИ ЗАБРАНИ СИТЕ ПОЛИТИЧКИ РЕКЛАМИ, А ОВАА ОДЛУКА БИ МОЖЕЛА ДА ИМА ГОЛЕМО ВЛИЈАНИЕ ПРЕД ПРЕТСЕДАТЕЛСКИТЕ ИЗБОРИ ВО АМЕРИКА СЛЕДНАТА ГОДИНА
Од компанијата истакнуваат дека вниманието на “избирачите треба да се заслужи, а не да се купи“.
„Иако политичкото рекламирање е неверојатно моќно и многу ефикасно, таа моќ во политиката носи значаен ризик‘‘, вели директорот на Твитер, Џек Дорси.
Инаку, Фејсбук неодамна се откажа од забраната за политички реклами на оваа социјална мрежа. Забраната ќе стапи на сила на 22 ноември, а сите детали ќе бидат објавени 7 дена претходно.
Веста за забраната, предизвика бурни реакции во Америка, поради изборите во 2020 година. Бред Парскал, менаџер на капањата на Трамп вели дека “забраната е само уште еден обид на левицата да му наштети на Трамп и конзервативците.‘‘
Од друга страна Бил Русо, портпарол на кампањата на Џо Бајден ја поздравува оваа одлука на Твитер. „Кога ќе се соочите со изборот помеѓу заработката од реклами и интегритетот на нашата демократија, охрабрува тоа што барем еднаш, приходот не победи“, вели Русо.
Основачот на Фејсбук, Марк Закерберг, исто така, реагираше, во одбрана на одлуката на компанијата. „Мислам дека приватните компании во демократијата немаат право да цензурираат политичари или вести“, рече Закерберг. Политичките реклами на Интернет, посочува тој, се „сосема нов предизвик за општеството“. Како што вели, ова вклучува микро таргетирање, непроверени информации, лажни вести …
Сепак, многумина сметаат дека одлуката на Твитер најмногу ќе помогне на некој кој е веќе на власт.
За време на изборите во САД се очекува на реклами да бидат потрошени 6 милијарди долари, но најмногу за телевизиски реклами, според проценките на компанијата за рекламирање Кантар. Од тоа, 20 проценти би требало да одат на рекламирање преку интернет.
Секако, Твитер е значително помал од Фејсбук – во февруари имал 126 милиони активни корисници секој ден, додека Фејсбук во септември имал 1,63 милијарди корисници.
Политичката уредничка на BBC Лаура Кунсберг наведува дека политичките актери често очекуваат дека нивната порака на интернет ќе биде бесплатно споделувана.
„Оваа одлука е многу интересна и вредна промена, но повеќето од политичките содржини се создаваат со надеж дека бесплатно ќе се споделуваат, а не дека ќе мора да се плати за тоа да го види некој‘‘.