Twitter сака да ги направи емотиконите новите клучни зборови.
Баш на време за “Светскиот ден на емотиконите” кој се одбележува следниот месец на 17 јули, Twitter лансира нов начин за огласувачите да таргетираат корисници, и тоа преку твитањето на одреден емотикон или стапувањето во интеракција со твитови кои содржат некој емотикон.
Сите тие смајлина, подигнати палци, танцувачи и духови и многу други ‘икончиња’ наскоро може да бидат употребувани за реклами цели низ сите социјални мрежи.
Со таргетирањето врз база на емотикони, Domino’s и Pizza Hut ќе можат да таргетираат луѓе кои го употребуваат пица-емотиконот. Или пак, брендови кои се рекламираат за време на Тур де Франс ќе сакаат да стапат во интеракција со секој корисник кој употребува емотикон на велосипедист. Дури и емотиконот кој плаче може да биде искористен од некои брендови кои произведуваат марамчиња (како Kleenex, на пример).
Маркетерите кои сакаат да го пробаат оваа нова можност нема да мора да чекаат долго; опцијата е веќе достапна глобално преку одбрани партнери на Twitter како AdParlor, Amobee, HYFN, Perion, SocialCode и 4C.
“Според Речникот на Оксфорд, збор на годината за 2015 беше токму еден емотикон,” напиша во еден блог пост Нил Шах, продукт менаџер за Twitter Ads. “Емотиконите станаа општоприфатен начин на кој луѓето, публикувачите и брендови ги изразуваат своите чувства. И, преку 110 милијарди емотикони биле твитнати од 2014 година наваму.”