Социјалната мрежа Twitter ја лансираше својата верзија на опција за претплата во форма на т.н. “Super Follows”.
Оваа опција ќе им овозможи на креаторите на содржини да ги монетизираат своите „ексклузивни“ содржини преку месечна претплата од 2.99, 4.99 или 9.99 долари – во зависност од „ексклузивноста“, нормално.
Од тие пари, најголем дел ќе добива креаторот на содржини, потоа еден дел ќе добива Apple преку својот „данок“ на плаќања во апликации на iOS (доколку уредот го користи), а најмал процент ќе добива самиот Twitter.
Платените премиум-содржини ќе се појавуваат во вообичаениот „времеплов“ на корисниците, но ќе бидат обележани како „ексклузивни за претплатници“.
За жал, опцијата засега ќе биде достапна само за избрана група на корисници во САД, кои ги задоволуваат следните критериуми: да користат iOS, да имаат минимум 10.000 следбеници, да имаат минимум 18 години, да објавиле барем 25 твитови во последните 30 денови и да имаат чиста историја на следење на правилата.
Доколку оваа иницијална тест-фаза се покаже во добро светло, дури потоа може да се очекува пошироко јавно лансирање на новата претплатничка функција.
Иако развојот на новата функција започнал уште во февруари, нејзиното лансирање доаѓа во интересен интернет-контекст кога платформата за претплатнички содржини OnlyFans се соочува со намалување на бројот на корисници по првичната најава за забрана на експлицитни сексуални содржини, која потоа беше повлечена. За споредба, Twitter дозволува експлицитни содржини доколку тие се „создадени консензуално“, само што ги обележува како „чувствителни содржини“.