Во изминатите неколку недели, голем број на брендови објавија соопштенија во поддршка на движењето „Black Lives Matter“ („Црните животи вредат“) кое се бори против системскиот расизам во САД, а дел од нив отидоа и чекор понатаму.
По повод 19 јуни, ден на кој се одбележува еманципацијата на американските робови, социјалната мрежа Твитер лансираше повеќе иницијативи за поддршка на црнечките креатори на содржини и гласноговорници на платформата, како и outdoor кампања во која вистински твитови беа претворени во билборди.
Рекламите, создадени од сопствениот маркетинг тим на Твитер, биле смислено поставени во градовите каде беа забележани најмасовните и најдолготрајни протести против полициската бруталност и системскиот расизам, вклучувајќи ги Минеаполис, Атланта, Чикаго, Њу Јорк, Лос Анџелес, Луисвил, Окланд и Филаделфија.
„Ние сакавме да се појавиме во градовите кои станаа епицентри на протестите во последните неколку недели, места кои прераснаа во собирни точки за крикот на #BlackLivesMatter и на гласното барање за еднаквост. Но, ние не сакавме да се појавиме на овие места како Твитер, туку сакавме да ги засилиме перспективите и мислењата на луѓето кои ги споделуваат своите интензивни чувства за она што денес се случува во светот. Сакавме тие да се претстават преку сопствените зборови,“ истакна Годис Ривера, глобален директор за култура и заедница на Твитер.
Твитер претставува една од главните социјални мрежи каде што се дискутираат активностите и барањата на „Black Lives Matter“. Според компанијата, од 25 мај, денот на убиството на Џорџ Флојд, на Твитер биле постирани повеќе од 340 милиони пораки поврзани со движењето „Black Lives Matter“, односно околу 230 твитови во секунда.