Услугата ќе биде наменета само за корисници со повеќе од 10 илјади следбеници и со објавени најмалку 25 твитови во последниот месец.
Откако долго време слушавме за новите опции на Твитер со кои што би привлекле корисници и би го подобриле корисничкото искуство, односно со кои би заработиле на големиот број на корисници, минатата недела Твитер го претстави претплатничкиот сервис Twitter Blue. Засега, услугата Blue е достапна само во Канада и Австралија, а компанијата ќе го испита интересот на овие пазари за ваквиот облик на претплата. Исто така, претходно Твитер ја воведе и опцијата за финансиска поддршка на авторите – Tip Jar.
Но, ова не се единствените новини на кои работеше тимот на Твитер во последно време. Претходно, на мрежата кружеа гласини за опцијата “супер следбеници“, преку кои корисниците со голем број следбеници можеа да започнат да наплатуваат за пристап до дополнителна содржина. Основното искуство со користење на Твитер би требало да остане непроменето, но следбениците ќе добијат можност да пристапат до дополнителна содржина за одредена месечна сума на претплата.
Програмата „Супер следбеници“ ќе биде достапна само за корисниците кои имаат повеќе од 10.000 следбеници, кои имаат објавено најмалку 25 твитови во последните 30 дена и се постари од 18 години. Притоа, таквите корисници, ќе им дадат на своите најверни следбеници – оние кои се подготвени да плаќаат претплата, пристап до некоја бонус содржина, односно до некои ексклузивни твитови.
Новитетите презентирани од Твитер, како и оние кои во моментов сè уште се развиваат, треба да ја зголемат популарноста на оваа социјална мрежа. Компанијата се надева дека ќе привлече нови корисници, но и дека постојните корисници, особено оние со поголем број следбеници, ќе станат поактивни, затоа што ќе можат да започнат да заработуваат од нивната активност на оваа мрежа.