Пред неколку години сите беа оптимисти дека социјалните мрежи ќе овозможат цивилизиран политички дијалог каде секој може да се вклучи со свое мислење и коментар. Facebook, Twitter и Google и до ден денес тврдат дека целта им е токму тоа – да дадат глас на сите во светот. Меѓутоа, од почетокот на септември, кога оперативниот директор на Facebook Шерил Сендберг и извршниот директор на Twitter Џек Дорси мораа да се соочат со американскиот Конгрес (помалку од половина година по дводневното сослушување на Марк Цукерберг на истото место), на двете компании веќе не се гледа како на спасители на човечката комуникација во виртуелниот свет. И додека за Facebook најстрашното веќе помина во април, сега Twitter се наоѓа помеѓу чеканот и наковалната.
Причината: Социјалната мрежа, без разлика дали тоа го сака или не, во последниве години стана арена за политичарите ширум светот, а особено во САД. Засега не изгледа дека нешто добро ќе произлезе за компанијата од целата ситуација, а падот на акациите покажува дека инвеститорите исто така не се оптимисти.
Сè е лично
Џек Дорси застана пред конгресмените со зададена тема: како социјалните мрежи не успеаја да го спречат надворешното мешање во американските претседателски избори во 2016 година. Темата се задржа само неколку минути пред да премине во долг распит во однос на тоа дали Twitter има политички пристрасност. Според значителен дел од Републиканската партија на САД одговорот е позитивен: веќе неколку конгресмени и сенатори во последните месеци се пожалија дека се третирани неправедно. Бројот на обичните конзервативни корисници кои се жалат на овој став е многу пати поголем.
Многу од овие обвинувања се недокажливи, но има и такви кои го поставуваат Twitter во непријатна позиција. Примерот со претседателот на Републиканската партија Рона МекДаниел, чие име не излегуваше при пребарување на самиот сајт, иако неговиот профил е активен, беше истакнато дури од претседателот Доналд Трамп (се разбира, на неговата сакана мрежа Twitter), а случајот беше расправан и во Конгресот. Дорси објасни дека мрежните алгоритми не се перфектни и тоа се грешки. Последователните прашања зошто грешките се случуваат несразмерно почесто со републикански претставници беа неизбежни и Дорси немаше смислен одговор на нив.
Иако далеку од единствени во однос на причините, политичарите изгледаат како да се се’ поблиску до консензус дека се потребни регулации на социјалните мрежи. За Дорси, кој едвај го спаси Twitter од колапс (а опасноста не е целосно исчезната) по враќањето на чело на компанијата пред две години, дури и шпекулациите за регулација се катастрофални, бидејќи инвеститорите реагираат на какви било навестувања во таа насока. Добрата вест за Twitter е дека засега „бучавата“ е посилна од акцијата.
Сè е политика
Да се каже дека американските политичари имаат измешани чувства спрема Twitter и Facebook би било лага. Од едната страна, Демократската партија ги обвинува овие компании дека се одговорни за нивната слаба реакција спрема „троловоските“ напади и мешањето во претседателските избори во 2016 година. Кон овие напади се приклучува и дел од Републиканската партија. Другата страна става акцент врз задушувањето на слободата на говорот на социјалните мрежите и „забраните во сенка“, кои според нив, најчесто се насочени кон конзервативни политичари. И левичари и десничари се закануваат со регулација на социјалните мрежи, но истовремено се свесни дека во интернет ерата овие платформи им се, најблаго речено, потребни.
Но, и никој не може да се жали за примери на „Твитер политика”. „Слонот во собата“ е Доналд Трамп, кој иако моментално е најистакнатиот политичар на мрежата, неговата борба за влијание на платформата е активна долго време пред тој да ги најави своите намери да влезе во претседателската трка во 2015 година. Денеска буквално секој голем политичар има свој профил на Twitter. Критичарите на Трамп можеби не се задоволни од неговото однесување на Интернет, но нивниот одговор беше обид да го достигнат во активности и следбеници, а не повлекување од социјалните мрежи.
Во теорија, една социјална мрежа треба да се радува кога некои од највлијателните луѓе во светот ќе ја одберат неа пред конкуренцијата. Меѓутоа, во пракса, настанува хаос и поделба затоа што за сè поголем број корисници, искуството на Twitter и Facebook станува континуирана политичка дебата. Секој е несреќен затоа што постојано ги гледа работите што не им се допаѓаат. Едноставниот одговор на проблемот би бил Twitter да ги напушти своите сложени алгоритми и да им дозволи на луѓето да ја гледаат содржината што сами ќе одберат да ја следат. Но, одговорот на Џек Дорси не е таков и може да доведе до уште поголеми проблеми.
Во обид да ги задоволи сите на Twitter, тој експериментира со нови, уште посложени алгоритми со цел да ги „разбие ехо-коморите и да ги изложи корисниците на повеќе содржини со кои тие не се согласуваат“. „Сé поголемиот број докази укажуваат дека ваквите иницијативи ќе ги разделуваат луѓето уште повеќе“, пишува социологот Кристофер Бил во својот коментар за New York Times.
Оствете нé на мира
Се чини дека социјалните мрежи едноставно не сакаат да им дозволат на своите корисници да гледаат што сакаат, а една од причините за тоа е постојаниот притисок од политичарите. Twitter, Facebook и други компании имаат многу проблеми, но решението со уште покомплицирани алгоритми се чини како сигурен неуспех, што ќе доведе до нови сослушувања во Конгресот за технолошките лидери.
Џек Дорси ја објасни интервенцијата на американските избори преку Twitter на следниов начин: „Мала група корисници создаваат непропорционален товар спрема другите“. Иронично, ова е начинот на кој Конгресот врши притисок врз социјалните мрежи. Крајниот резултат можеби е далеку од позитивен. „Се разбира дека треба да се обидеме да смениме нешто, но кршењето на ехо-коморите на Twitter веројатно ќе даде спротивен ефект”, заклучува на крајот Кристофер Бил.
Колумна на Јован Запрјанов за бугарски Капитал.