Геомаркетингот е дисциплина во маркетинг анализата која користи прецизни географски информации во процесот на планирање и спроведување на маркетинг активностите.
Денес секој бизнис треба добро да го познава и разбира пазарот, да го дефинира и анализира, а сесо цел да ги лоцира и анализира целните клиенти, односно да ја дефинира целната група на своите потрошувачи.
Анализата на пазарот, паралелно со просторната анализа, може да донесе значителни подобрувања во ефикасноста на маркетинг кампањата.
Пронаоѓањето нови клиенти, задржување на постоечките и оперативната ефикасност се целите на геомаркетингот.
Тој може да се користи во било кој аспект на маркетинг миксот: производ, цена, промоција или место – гео таргетирање ( како на пример во on-lineмаркетиншки активности, каде со соодветени истражувања можат да се добијат информации за локацијата на корисникот, а компаниите кои користат геомаркетинг добиваат информации за тоа кој тип на производи се познати или се користат во тоа подрачје. Рекламите и содржината на веб-сајтот се креираат врз база на добиените информации за тоа што корисниците од тоа подрачје сакаат и користат).
Исто така, надворешното рекламирање како дел од маркетинг миксот е тесно поврзано со бенефитот од геомаркетингот. Геомаркетингот ја дефинира локацијата, а правилно одбраната локација повикува на акција и носи резултати.
Атрактивноста и потенцијалот на една локација, профилот на потрошувачите на едно подрачје и локациите на конкурентите се клучни карактеристики и во двете дејности, и во геомаркетингот и во надворешното рекламирање.
Преку медиумите за надворешно рекламирање: рекламни панели, билборди, фасадни површини, се комуницира со клиентите, и преку нив се пренесува пораката од кампањата која повикува на акција (да се купи одреден производ или услуга).
Многу е важно да се изберат вистинските локации за една рекламна кампања. Ако избраните локации дневно се посетени од страна на многу луѓе, истите ќе продуцираат добри резултати, а со тоа инвестицијата во надворешното рекламирање ќе се исплати.
Основната база на геомаркетингот е дигиталната мапа. Дигиталната мапа овозможува да се визуелизираат, анализираат и толкуваат влезни и излезни податоци, како и да се истражуваат просторни податоци, да се симболизираат карактеристики и да се креираат мапи.
Стратегијата за поставување на рекламни тела е во корелација со визуелниот приказ на дигиталната мапа, особено кога таа се презентира на клиентот.
Краток осврт на стратегијата за надворешно рекламирање (поставување бренд реклами и патокази) е следниот:
Во делот на дефинирање на тип на медиум за надворешно рекламирање значајно е дали ќе се одбере патоказ или бренд реклама; потоа, во делот за планирање на областа која ќе биде покриена, се одредуваат микролокации за секој тип од одбраните медиуми за рекламирање при што главни параметари се фрекфенцијата на луѓе и возила, односно просечниот дневен сообраќај што поминува низ таа одредена локација, времето на задржување на таа локација, локацијата на конкуренцијата, близината на главните раскрсници, пешачките зони, видливоста и сл.
Сите овие информации се сублимирани во дигиталната мапа како влезни податоци и врз основ на тоа при креирање на стратегијата се заштедува и на време и на пари.
Јасно определената база на податоци и вистинските информации го насочуваат маркетинг буџетот кон областите каде што живеат или се движат постоечките и потенцијалните клиенти, што пак резултира со успешна и ефективна маркетинг кампања.
Геомаркетингот има директно влијание врз развојот на модерната трговија и неговата имплементација има позитивен ефект и поврат на инвестицијата во маркетингот.
Автор:
Александра Дограмаџиева
Панел плус Скопје