Вработените во глобалната агенциска мрежа на UM од повеќе од 80 канцеларии го одбележаа петтиот по ред Impact Day. Повеќето UM тимови ширум светот неодамна се вратија во своите канцеларии, па овогодинешната тема на настанот е “Homecoming”, односно „Враќање дома“. Активностите инспирирани од еднаквоста, одржливоста и целокупното физичко и ментално здравје беа споделени од тимовите на социјалните мрежи користејќи ги хаштаговите #UMImpactDay и #UMBetterWorld.
Откако изминатите две години овој ден се славеше виртуелно поради пандемијата на вирусот COVID-19, овогодинешниот UM Impact Day се одржа во живо на 21 јули. Вработените во УМ учествуваа во различни тимски акции, како што се обезбедување помош за засолништа и банки на храна, чистење паркови, садење дрвја, како и подигнување на свеста за животните важни за зачувување на екосистемот, вклучувајќи ги пчелите, врапчињата и други видови птици.
„Impact Day со години наназад е посебен ден во UM агенциите ширум светот, бидејќи на тој ден се собираме околу заедничката идеја да ја направиме нашата локална заедница уште поубаво и подобро место за живеење преку различни активности. Годинава избравме да им помогнеме на белградските врапчиња кои како симбол на Белград заслужуваат посебно внимание, но и на другите птици на кои им требаат места за градење гнезда, а во нашиот град ги има сè помалку. Во соработка со Друштвото за заштита и проучување на птиците на Србија, организиравме практична работилница на која научивме многу за врапчињата и другите птици, слушнавме многу интересни приказни и заедно направивме 20 кутии за гнездење за птици со соодветна заштита на површината од временските услови. Кутиите во договор со друштвото ќе бидат поставени на места каде што им е најпотребно на врапчињата, но и на другите птици“, изјави Бранислава Чагронов, регионален директор на агенцијата UM.
Иницијативата Impact Day беше лансирана во 2016 година како дел од општествено одговорната иницијатива на UM, „Подобар свет“, со цел да ги инспирира вработените да преземат активности кои промовираат две основни вредности: грижа и заедништво, заради создавање подобар свет за сите нас. Поаѓајќи од овогодинешната тема, вработените во агенциите на UM беа прашани што можат да направат за својата локална заедница, но и за себе, во рамките на темите за еднаквост, одржливост и општо физичко и ментално здравје.