„Фудбалот има доволно херои, биди проблем…“
Американскиот бренд на спортска опрема Under Armour влегува во европскиот фудбал со впечатлива нова кампања под наслов „Be The Problem“ („Биди проблемот“). Иницијативата ги охрабрува спортистите да ја прифатат цврстината и решителноста, претворајќи ја фразата „да се биде проблем“ во симбол на сила, а не на слабост.
Кампањата, креирана од Uncommon Creative Studio, ќе се емитува во Обединетото Кралство, Франција и Шпанија. Таа доаѓа во момент кога Under Armour сака да го зацврсти својот имиџ на „аутсајдер“ во спортскиот свет, нагласувајќи ја издржливоста и борбениот дух на своите бренд-амбасадори.
Брендот пред своите инвеститори неодамна најави посмела маркетиншка стратегија, ветувајќи ја „најзначајната активација во својата историја“ за зголемување на видливоста и привлечноста. Се чини дека кампањата „Be The Problem“ претставува централeн дел од таа иницијатива.
Во фокусот на кампањата е 90-секунден видеоспот, со нарација на Трики од англискиот трип-хоп колектив Massive Attack, во режија на Леј Повис и со кинематографија на Хери Вилер. Филмот комбинира мрачни визуелни сцени, надреални елементи и фудбалска акција, издвојувајќи се со својот необичен тон во спортското огласување.
Покрај краткиот филм, кампањата ќе вклучува и надворешни реклами, содржини на социјалните мрежи и таргетирани активации околу големи натпревари во англиската Премиер Лига, француската Лига 1 и шпанската Ла Лига. За медиумското планирање и закуп ќе биде задолжена агенцијата MG OMD, а кампањата ќе трае во текот на месеците август и септември.