Marketing mreža го распиша конкурсот за шестото издание на наградите KAKTUS 2020. Наградите се доделуваат во 24 категории, а ќе може да ги добијат организации, компании, институции и агенции за најквалитетните и најпрофесионалните поединечни и интегрирани кампањи во минатата година. Главните награди на фестивалот, како и досега, се „Агенција на годината“, „Огласувач на годината“ и „Grand Prix – Интегрирана кампања на годината“. Како и во изминатите години, KAKTUS 2020 ги слави само оние идеи кои излегуваат од границите на очигледното и наспроти тешките услови успеваат да инспирираат и да ја произведуваат најефикасната комуникација со целните групи. Конкурсот ќе биде отворен до 20 септември.
Наградите ќе бидат свечено доделени на 6 национален Фестивал на интегрирани комуникации KAKTUS 2020, кој ќе се одржи на 3 и 4 ноември во Белград, Србија, под слоганот “Unique in being different” („Уникатни во различноста“).
За тоа кои ќе ги добијат овогодишните KAKTUS награди ќе одлучува стручно жири составено од признати и угледни професионалци од креативните, ПР и дигитални агенции и продукциски куќи од Србија и регионот. Жирито од Србија оваа година ќе работи во состав на: Ана Шутиќ, креативен директор на New Moment New Ideas Company; Ѓорѓе Јанковиќ, генерален креативен бизнис дизајнер во New Startegy; Горан Модли, партнер во Fried; Леа Станковиќ, извршен директор на Communis DDB; Лидија Миловановиќ, помошник креативен директор во McCann Beograd; Марко Вулиновиќ, креативен директор во Real Grupa Beograd; Мирослав Миљеновиќ, креативен директор во SIVO; Немања Станковиќ, креативен директор во Executive Group; Предраг Симиќ, креативен директор во Leo Burnett; Тамара Јокановиќ, управен директор во Represent Communicatios; и Владимир Митровиќ, креативен директор во Ovation BBDO.
Регионалното жири за оваа година ќе биде составено од: Давор Брукета, генерален креативен директор и ко-претседател во Bruketa&Žinić&Grey (Хрватска); Дејан Шијук, креативен директор во Aquarius (БиХ); Домагој Давидовиќ, основач и креативен стратег во Švicarska (Хрватска); Илинка Црвенковска, креативен директор во Idea+ Communications (Македонија); Иван Таниќ, креативен директор во Saatchi&Saatchi Zagreb (Хрватска); Иван Тушек, креативен директор во Degordian (Хрватска); Јуре Коренч, креативен директор во Agencija 101 (Словенија); Јурица Чорлука, креативен директор во Señor (Хрватска); Лана Бедековиќ Росандиќ, сопственик и управен директор во Alert (Хрватска); Милена Мијатовиќ, основач и управен директор во MINT Banja Luka (БиХ); Мирка Модриниќ, креативен директор во Pristop (Словенија); Роберт Бохинец, креативен директор во Futura DDB (Словенија); и Урош Горичан, креативен директор во Herman & partnerji (Словенија).
Новитет во рамки на овогодишниот натпревар за наградите KAKTUS 2020 е новата категорија “Посебно признание за LOCKDOWN интегрирана кампања”. Оваа категорија е наменета за пријава на кампањи кои биле создадени исклучиво во периодот од 10 март до 10 мај 2020 годиниа, односно за време на вонредната состојба со пандемијата на вирусот Ковид-19. Кампањите кои биле создадени за време на вонредната состојба, а како одговот на пандемијата на Ковид-19, може да се пријават исклучиво за оваа посебна KAKTUS награда и тоа без никаква надокнада.
„Изминатата година беа реализирани бројни интересни и иновативни кампањи за кои сметаме дека се вредни за внимание, како од стручната, така и од пошироката јавност. Конкурсот за наградите KAKTUS е можност да измериме дали тие навистина се поинакви идеи кои опстојуваат, но и да го оцениме напредокот на професијата. Првата половина на оваа година беше одбележана од пандемијата на вирусот Ковид-19, а бројни компании за многу кратко време успеаја да се реорганизираат и креативно да одговорат на кризата. Затоа воведовме и посебно признание, бидејќи сакаме да ги наградиме и промовираме брендовите кои во кризата видоа нова можност. Покрај тоа, оваа година KAKTUS 2020 ќе ги слави луѓето кои работаат во нашата професија, поединците и тимовите, нивните различности, таленти, интереси, стручност, креативност и способност. Очекуваме многу добри кампањи кои ќе укажат на трендовите на развојот, но и на предизвиците кои ја одредуваат судбината на креативната индустрија во Србија,“ истакна Ивана Парчетиќ Митиќ, основач и генерален извршен директор на Marketing mreža, организатор на фестивалот KAKTUS 2020.
Повеќе информации за условите на конкурсот, пропозициите и категориите, како и формуларот за пријавување и Правилникот за работата на жири-комисиите, можете да најдете на веб-сајтот www.kaktus.rs.