Британската мултинационална компанијата за производи за широка потрошувачка и воедно еден од најголемите огласувачи во светот, Unilever, ја комплетираше ревизијата на своето глобално медиско портфолио. Компанијата реши да го подели „колачот“ помеѓу големата шестка на маркетинг групации: WPP, Omnicom, Interpublic, Publicis, Havas и Dentsu.
Агенцијата Mindshare на WPP ќе продолжи да го опслужува Unilever на пазарите во САД, Обединетото Кралство и Кина. Покрај тоа, WPP го освои регионот на Субсахарска Африка, вклучувајќи ја и Јужна Африка, потоа Јужна Азија (Индија, Бангладеш, Пакистан и Шри Ланка), Индонезија, Австралија и Нов Зеланд, Централна и Источна Европа, Скандинавија, Холандија, Белгија, Ирска и Италија.
Omnicom Group го доби медиумскиот бизнис на Unilever во Хонг Конг, Тајван, Турција, Германија, Австрија, Швајцарија и земјите од Блискиот Исток – Бахреин, Кувајт, Оман, Катар, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати.
Interpublic Group, преку агенцијата Initiative, ќе го опслужува Unilever во латиноамериканските земји Аргентина, Бразил и Мексико, потоа во регионот на Северна Африка, како и на пазарите во Канада, Грција и Украина.
Publicis Groupe освои пет пазари во Југоисточна Азија, и тоа Малезија, Сингапур, Филипини, Тајланд и Виетнам.
Havas Media го доби медиумскиот бизнис на Unilever во Франција и Шпанија, додека пак Dentsu ќе ја опслужува компанијата во Јапонија.
Unilever ја започна глобалната медиска ревизија во јануари 2024 година, а претходната ревизија беше спроведена во 2021 година. Компанијата важи за еден од најголемите огласувачи во светот, со инвестиции за маркетинг и огласување во вредност од над 9 милијарди долари во 2023 година.