Корпорацијата Unilever продолжува да ги зголемува цените на производите на своите светски брендови како одговор на историските нивоа на инфлација, паралелно зголемувајќи ги и своите инвестиции во маркетингот со цел да ја амортизира непопуларноста на повисоките цени меѓу потрошувачите.
Глобалниот гигант ги зголемил инвестициите за маркетинг за 200 милиони евра во однос на планираниот буџет за таа намена во првата половина на 2022 година. Во вториот дел на годината, пак, тоа зголемување изнесувало дури 300 милиони евра. Вкупниот буџет за маркетинг на Unilever за годината претходно изнесувал 3.7 милијарди евра.
Во презентацијата на своите финансиски резултати, компанијата посочи дека трошоците за енергија, гориво и работна сила значително пораснале како резултат на глобалните трендови на инфлација. Поради тоа, компанијата морала да ги покачува цените на своите производи, што пак од друга страна предизвикало намалување во потрошувачката. На пример, само во четвртиот квартал на годината, цените на производите биле покачени за 13.2%, додека пак продажбата опаднала за 6.8%.
Компанијата одлучила дека најдобриот начин како да се спротивстави на сето ова било со зголемување на своите инвестиции во маркетингот и јакнењето на своите брендови. Според извршниот директор Алан Џоуп, нивните брендови се во „одлична форма“, посочувајќи дека: „Нашите мерки се многу силни и нашите најголеми и најдобри брендови растат за 11%“.
Генералниот финансиски директор Грем Питкетли објаснува дека компанијата се стекнала до значајни придобивки од напредокот постигнат во подобрувањето на берзанското тргување, подобрувањето на производите, иновациите, огласувањето, дистрибуцијата и зголемените заштеди.
Од Unilever најавуваат понатамошно зголемување на инвестициите во 2023 година, вклучително и во маркетингот, а очекуваат стабилизирање на инфлацијата и цените во вториот дел од годината.