Еден од најголемите огласувачи во светот, компанијата за производи за широка потрошувачка Unilever, отпочна процес на евалуација на своето глобално протфолио на партнерски агенции за медиско планирање и закуп. Ревизијата доаѓа во време кога компанијата повторно ги разгледува своите медиски стратегии, а последната вакава евалуација беше спроведена во 2021 година.
„Да, спроведуваме ревизија на медиските агенции на многу од нашите пазари. Ова е дел од нашиот стандарден процес за периодична евалуација со цел да се обезбеди партнерство со најдобрите медиски агенции во својата категорија“ – потврдил претставник на Unilever за адвертајзинг магазинот Campaign US.
Во моментов, најголем медиски партнер на Unilever е агенцијата Mindshare, дел од GroupM на WPP, задолжена за медиското планирање и закуп на пазарите во САД, Кина, Индија, Обединетото Кралство, Ирска, Холандија, Белгија, Италија, Скандинавија и други земји во Источна Европа, Јужна и Југоисточна Азија.
Агенцијата PHD, дел од Omnicom Group, е задолжена за пазарите во Канада, Австрија, Германија, Швајцарија, земјите од Африка и Блискиот Исток, Австралија, Нов Зеланд, Хонг Конг и Тајван.
Тука е исто така и агенцијата Initiative на IPG, која го опслужува Unilever на пазарите во Русија, Украина, Белорусија и Грција, како и агенцијата Havas Media, задолжена за пазарите во Франција и Шпанија.