Светскиот корпоративен гигант Unilever, под чија капа се прехрамбени брендови како Ben & Jerry’s, Hellmann’s, Magnum, Wall’s и над 400 други имиња, соопшти дека од следната година ќе престане со огласување на храна и пијалаци насочено кон деца под 16 години.
Повикувајќи се на „нови глобални принципи“ за одговорно огласување, Unilever посочи дека ја подигнува возрасната граница од 13 на 16 години, поради големото влијание на социјалните мрежи врз животите на тинејџерите.
Забраната ќе ги опфаќа и традиционалните медиуми, како телевизијата и печатените изданија, додека пак комуникациите на точките на продажба ќе бидат прилагодени во согласност со специфичните закони и регулативи на секоја поединечна држава.
Дополнително, компанијата соопшти дека исто така повеќе нема да собира или складира податоци за потрошувачи под 16 години, да ангажира инфлуенсери или познати личности кои примарно се привлечни за таа возрасна група и ќе продолжи да се воздржува од промовирање на своите производи во училиштата.
„Наша цел е да продолжиме да ја намалуваме изложеноста на децата на реклами од индустријата за храна и пијалаци и наместо тоа да ги поддржуваме родителите. На овој начин, старателите се враќаат на „возачкото седиште“ како одлучувачи кога станува збор за производите на нивните деца“ – посочува Мет Клоус, претседател за брендовите на сладоледи во Unilever.