United Group, телекомуникациската и медиска група во сопственост на американските инвестициски компании KKR и EBRD, ќе го превземе од компанијата Central European Media Enterprises (CME) словенското и хрватското медиско портфолио, кое ги вклучува и телевизиските “џинови“ Novа TV и Pop TV.
Во соопштението, KKR наведува дека портфолиото кое го превземаат ги вклучува водечките телевизиски канали во Словенија и Хрватска, како два пазари во кои од 2016 до 2018 година се очекува раст на бруто домашниот производ (БДП) поголем од 2%.
United Group најавува инвестиции во купените телевизиски канали со цел да ја зголеми нивната продукциска способност и да го прошири досегот надвор од нивните локални пазари. Инаку, оваа компанија е сопственик на регионалните оператори SBB и Telemach и се проценува дека има околу два милиони PayTV корисници во земјите на поранешна Југославија.
Од Central European Media Enterprises (CME) денес соопштија дека за 230 милиони евра ги продале своите медиски операции во Хрватска и Словенија на компанијата Slovenia Broadband, подружница на United Group и очекуваат дека трансакцијата ќе биде довршена до крајот на годината.
Во Хрватска, CME во своето портфолио ја поседува Novа TV, а во Словенија Pop TV. Заедничката оперативна добивка пред амортизацијата на Novа TV и Pop TV изнесувала за 12 месеци, до крајот на март 2017 година, 13,8 милиони долари.
Во соопштението се наведува и дека KKR вложи повеќе од 8 милијарди долари во телекомуникацискиот, медискиот и дигиталниот сектор на глобално ниво и има посебна стручност во поддршката на компаниите да растат и да се развиваат во дигиталното време. Од 1996 година, KKR инвестираше во 58 компании во тие сектори во Европа, па на 31 март 2017 година, имаше повеќе од 20 милијарди долари инвестиран долгорочен капитал.
“KKR има солидна листа на медиуми и телекомуникациски компании кои ги поддржува со цел да растат во денешниот дигитален екосистем. Со вложувањето во квалитетна локална и меѓународна содржина, ќе ги поддржиме тимовите на United Group да продолжат да нудат различни и атрактивни содржини до сите купувачи во регионот. KKR, EBRD и United Group блиско соработуваа со сите надлежни тела, како би осигурале непречена транзиција во склоп со европските стандарди“, порача Jean-Pierre Saad, директор во KKR, во соопштението.