Стручното жири, бројни професионалци од светот на телевизијата, филмот и продукцијата, како и многу познати гости од креативната индустрија, ќе се соберат во Пула на 16-ти јули каде ќе се одржи полуфиналното жирирање за меѓународните награди Emmy®.
По Дубровник и Атина, United Media, една од водечките медиумски компании во Југоисточна Европа, трет пат по ред ќе биде домаќин на полуфиналната рунда жирирање на оваа престижна награда. Жирито составено од телевизиски, филмски и продукциски професионалци ќе ги оценува проектите во категоријата „Најдобра изведба на актер“, една од 16-те категории за оваа награда. Според правилата на Меѓународната академија за телевизиски уметности и науки, имињата на членовите на стручното жири кое ќе ги оценува номинираните за 52. издание на меѓународните награди Emmy® ќе бидат објавени дури откако ќе се одржи процесот на жирирање.
„Горди сме на нашата соработка со Меѓународната академија за телевизиски уметности и науки која се одвива веќе неколку години. За нас е голема чест што и оваа година ни се даде можност да бидеме домаќини на овој важен процес на селекција и да бидеме препознаени како медиумска компанија која континуирано создава висококвалитетни и оригинални содржини на сите наши пазари. Со нетрпение ги очекуваме претстојните средби со сите претставници на телевизиската и филмската продукција, со што ќе се здружи единствена комбинација на талент и експертиза“ – истакнува Александра Суботиќ, извршна директорка на United Media.
Во самото срце на прекрасната Истра, за време на најстариот филмски фестивал во Хрватска, Филмскиот фестивал во Пула, оваа прилика ќе биде повод да се соберат голем број гости на United Media и Nova TV и преку своето присуство да го одликуваат настанот кој ќе кулминира со свечена гала вечера.
Дражен Мавриќ, извршен директор на Nova TV, посочи: „Чест е да се донесе овој престижен полуфинален настан за оваа престижна награда во Хрватска по втор пат, во прекрасната Пула, како синоним за креативност и продукциска извонредност. Довербата што ни е дадена е потврда за нашиот успех, вредноста и квалитетот на продукцијата на Нова ТВ, која нè издвојува на домашниот и на странскиот пазар“.
United Media е продукциски лидер на регионално ниво, а истовремено има значајна улога на глобално ниво со продукцијата на повеќе од четириесет илјади часа оригинални содржини преку повеќе од педесет телевизиски канали, на пазар од повеќе од четириесет милиони луѓе секоја година. Како една од водечките медиумски компании во Југоисточна Европа, која работи во осум земји, природен и стратешки чекор е поврзувањето со најстариот филмски фестивал во Хрватска.
Така, на 17 јули, ден по настанот поврзан со Меѓународната награда Emmy®, United Media во соработка со Филмскиот фестивал во Пула ќе биде домаќин на уште еден важен меѓународен настан. Станува збор за презентацијата на идеи за телевизиски серии и доделувањето награди како завршен чин на меѓународната работилница „Make the scene“. Најдобриот проект ќе биде награден со десет илјади евра и можност за понатамошен развој на проектот, што ќе го обезбеди United Media. Жирито кое ќе го одлучи победникот го сочинуваат Наташа Буљан, Горан Богдан и Мишо Могоровиќ. Учесниците претходно ќе имаа можност да учествуваат на работилници под менторство на грчкиот сценарист Никос Панајотопулос, автор и коавтор на бројни наградувани сценарија за кратки филмови, ТВ-серии и играни филмови (“Truants”, 1996, “My Brother and I”, 1998, “False Alarm”, 2000, “The King”, 2003, “Totally Married” 2003, “The Wake”, 2006).
Оваа година Пула ќе биде фокусна точка и комбинација на бројни силни и уникатни креативни енергии од различни делови на светот. Таму ќе бидеме сведоци на квалитетни продукции и проекти кои ги збогатуваат животите, ги зближуваат луѓето и инспирираат.