Мојата куќа беше веднаш спроти Универзална сала. Сега на тоа место е издигната зградата во која живеам. И ден денешен пред секој настан атмосферата е иста, река луѓе стојат пред Универзална. Се бараат оние кои треба да се најдат, купчиња луѓе со очекувања за добра забава. Паметам кога бевме помали сето тоа ни беше многу интересно, многу по забавно ни беше да ги набљудуваме луѓето надвор, оти тоа ни беше шанса да вкусиме дел од атмосферата која беше внатре. Некогаш бевме и директни сведоци на магичната сцена на Универзална. Бидејќи и игрите ни беа во рамките на објектот, сите важни фаци кои досаѓаа тука, јас и моите другари први ги пречекувавме. Тука го запознавме Влатко Стефановски, Џамбазов, Бајага и многу други а потоа се фалевме на училиште. Некогаш ќе влезевме од задната врата… раскажува Алек Манев, денес успешен бизнисмен и сопственик на медиум. И просторот во самата сала го чувствувавме како наш, како да сме дома, со смеа раскажува Манев, и токму поради тоа секогаш се трудевме што повеќе време тука да поминуваме, бидејќи тука се чувствувавме најсигурно. Немавме пропуштено ниеден концерт, а и пред девојките сакавме да се пофалиме токму со ова…Мислам дека цел живот ќе биде во моето срце..
По катастрофалниот земјотрес во Скопје, во јануари пред 50 години беше пуштена во употреба Универзална сала Скопје. Изградена како резултат на светската солидарност и помош, брзо стана центар на сите културни случувања во градот. Златно Славејче, Скопски Џез фестивал, Буба Мара, Скопски фестивал, концерти, претстави, промоции, со учество на реномирани домашни и интернационални гости, илјадници настани се случија на овој простор, ширејќи добра енергија. Врвна музика, забава и смеа, негување на традицијата и културата се работи кои се поврзуваат со Универзална сала, чија сцена e престижно место за настапување и начин да се стекне популарност. Речиси и да нема уметник, музичар кој не настапувал на оваа сцена, кој тука ги добил првите аплаузи, ги пуштил првите солзи…кој едноставно не уживал во овој простор.
Универзална сала не е обичен објект во Скопје. Таа е историја, срцето на сите културно уметнички случувања во градот, место за забава, смеа, место со кое скопјани се емотивно поврзани. Малечка, и можеби со многу недостатоци, таа е омилено сврталиште на сите оние кои години наназад ја сакаа музиката, традицијата, уметноста. Едноставно и несомнено културен симбол за Скопје! Од пред една година регистрирана како Конгресен центар Александар Македонски, ова култно место и понатаму ќе обединува, и од тука ќе се испраќаат позитивни пораки и ќе се црпат инспирации за нови достигнувања.