Остануваат уште 10 дена од продолжениот краен рок за пријавување на меѓународниот адвертајзинг фестивал Golden Drum (до 1 септември).
Целта на фестивалот, кој ќе се одржува виртуелно од 13 до 15 октомври, е да ги слави најдобрите идеи, најдобрите креативни тимови и најдобрите индивидуалци кои оставиле свој белег на индустријата и успеале да внесат душа во некоја одлична идеја.
Оваа година се воведени неколку промени во фестивалската структура, па така наместо досегашните две натпреварувачки категории WHAT и WHY, за овогодишното издание се предвидени четири основни категории: One-Channel, Omni-Channel, Craft и Creative Business Excellence Drum.
Покрај нив, предвидена е и една специјална категорија All Juries, односно заеднички награди од сите жирија кои ќе се доделуваат на кампањи кои се фокусираат на локалниот дух, општественото добро, но и проекти создадени како одговор на пандемијата на корона вирусот.
На фестивалот можат да се пријават сите креативни решенија кои се за прв пат емитувани, објавени или применети во периодот од 1 јануари 2019 година до 1 септември 2021 година.
Победниците на Golden Drum 2021 ќе бидат прогласени на онлајн наградната церемонија предвидена за 15 октомври.
Сите заинтересирани може да прочитаат повеќе за фестивалот Golden Drum и да го пријават своето учество на следниот линк.
Истиот краен рок за пријавување (1 септември) важи и за наптреварувањето за млади креативци Young Drummers.
За овогодишното издание на младинскиот креативен натпревар, фестивалот уште еднаш се здружува со Словенечкото туристичко биро за да ги предизвика младите креативци под 30 години на темата „Словенија, земја на активни одмори“. Цената за учество изнесува 25 евра (без вклучен ДДВ).
Проектите треба да се пријават како кратко видео или серијал на кратки видеа, што е уште еден новитет за натпреварот. Авторот на најдоброто видео или серијал на видеа ќе добие награда од 1000 евра и можност да се презентира себе и победничкиот проект на виртуелната сцена за време на фестивалската програма на 13 октомври 2021 година. Наградата ќе биде доделена на онлајн наградната церемонија во живо на 15 октомври 2021.
Повеќе информации за младинскиот креативен натпревар Young Drummers може да се најдат на следниот линк.