Вчера (27.05) официјално беше означен почетокот на работата на Avant2Go, првата услуга за споделување 100% електрични возила во Македонија. Официјалното отворање се одржа во ресторан ПАРК (Рагуза Груп), каде што почесни гости, претставници од медиумите и јавни личности имаа можност да ги пробаат возилата на лице место, да го искусат целосниот процес на регистрација преку апликацијата и да се запознаат подетално со сите предности и функционалности на новата услуга.
Avant2Go веќе со месеци предизвикува голем интерес не само кај индивидуалните корисници, туку и кај компаниите и организациите, а од денес веќе сите ќе можат да ја пробаат оваа практична и економична услуга за споделување возила.
Во првите 24 часа по официјалното стартување, над 2500 граѓани ја симнаа апликацијата Avant2Go, со што јасно го потврдија големиот интерес за оваа нова, одржлива и практична услуга за споделено електрично возење.
„Во име на нашата компанија, ви изразуваме искрена благодарност што бевте дел од овој важен момент – не само за нас, туку и за Скопје како град кој прави чекори кон одржлива и почиста мобилност. Со големо задоволство и надеж гледаме кон иднината, убедени дека оваа услуга ќе донесе значително подобрување во секојдневието на скопските граѓани.“, изјави Мартин Милевски, генерален директор на Avant Car Македонија.
Услугата овозможува едноставно користење преку мобилна апликација, со плаќање според време и поминати километри, без дополнителни трошоци за регистрација, осигурување или одржување.
Со стартни 100 електрични возила на различни обележани локации низ Скопје, Avant2Go започнува да го олеснува движењето и мобилноста на граѓаните.
„Со стартот на Avant2Go во Скопје, отвораме ново поглавје во урбаната мобилност – пристапно, еколошко и прилагодено на потребите на современиот корисник. Веруваме дека оваа услуга ќе помогне да се намали сообраќајот и загадувањето, а ќе им овозможи на граѓаните поголема слобода и флексибилност во движењето низ градот“, вели Дарко Стефановски, проект менаџер на Avant2Go Македонија.
По успешниот старт, Avant2Go најавува дека наскоро ќе го прошири бројот на возила и локации, во согласност со барањата и сугестиите на корисниците.