WARC го објави својот најнов извештај за огласувачките трендови, Global Ad Trends, со нагласок на надворешното рекламирање
WARC, меѓународна организација посветена на огласувањето и ефикасноста на медиумите, го објави својот најнов месечен извештај за огласувачките трендови, Global Ad Trends, во кој се прикажуваат најновите сознанија од светската огласувачка индустрија со нагласок на надворешното рекламирање.
Врз база на податоците од медиумски канали од 96 земји и детални наоди од клучните светски пазари – Австралија, Бразил, Канада, Кина, Франција, Германија, Индија, Италија, Јапонија, Русија, Велика Британија и САД – кои зафаќаат околу две третини од вредноста на глобалната трговија на огласувањето, клучните сознанија се следните:
Успешните брендови во просек издвојуваат 13% од своите медиумски буџети на надворешно огласување
Буџетските издвојувања на успешните брендови на надворешно рекламирање во просек изнесуваа 13% во текот на осум години што претходеа на 2016 година. Уделот на надворешното огласување останува во голема мера стабилен, што се совпаѓа со учеството на каналот во глобалната потрошувачка на реклами.
Во извештајот исто така се наведува дека се меѓу најголемите инвеститори во надворешното рекламирање се владините и непрофитни организации (26% од буџетот), брендовите на алкохолни пијалаци (16%) и малопродажни брендови (14%).
Уделот на надворешното рекламирање во глобалните инвестиции во рекламирањето од 1990 година до сега беше во просек 6%
Уделот на надворешното рекламирање во глобалните инвестиции во рекламирањето константно се намалува од 2012 година, но долгорочно е стабилен.
На надворешно рекламирање просечно отпаѓа 5,9% од глобалните инвестиции во рекламирањето од 1990 година. Најновите проверени податоци покажуваат дека инвестирањето во надворешно рекламирање изнесувало 31 милијарди долари во 2016 година, што значи 5,8% од вкупните глобални инвестиции. Прелиминарните процени за 2017 година говорат дека ќе останат на приближно исто ниво.
На дигитал отпаѓа повеќе од една третина од вкупните инвестиции во надворешното огласување, а овој сегмент забрзано расте
Податоците покажуваат дека дигиталното учество во вкупните глобални инвестиции во надворешното огласување изнесува 34,8% во 2017 година. Долгорочните проекции покажуваат дека дигиталниот удел ќе се зголеми на околу 45% до 2021 година.
Податоците на меѓународните партнери на WARC покажуваат дека дигиталното учеството во вкупното надворешно рекламирање варира од пазар до пазар и се зголемува забрзано. Во Австралија, дигиталното надворешно рекламирање изнесувало 40,2% во 2016 година и веројатно ќе се зголеми над 45% во 2017 година. Прелиминарните оценки за 2017 година наведуваат дека уделот на дигиталното надворешно рекламирање во Обединетото Кралство ќе изнесува 46,5%, во однос на 37,7% во 2016 година; во САД се смета дека во 2017 година ќе изнесува 22,4%, додека во 2016 година беше 20,8%.
Трошоците на надворешното огласување според бројот на прикази се генерално пониски од просекот за сите медиуми
Податоците од WARC базата на податоци за медиумските трошоци, покажуваат дека трошокот според бројот на прикажување (CPM) на надворешното огласување во клучните пазари е понизок од просекот на сите медиуми. Австралија и Велика Британија се единствени исклучоци.
Просечната цена на илјада прикажувања (CPM) за надворешен оглас, чија целна публика се возрасни корисници изнесува 6,41 долари, додека просекот за сите медиуми за истата публика изнесува 12,20 американски долари.
Џејмс Мекдоналд, уредник на податоци во WARC, ги сумираше резултатите од истражувањето: “Надворешното огласување е еден од основните производи на индустријата и долгорочно привлекува доследен дел од буџетот на успешните брендови. Овој канал овозможува достапна цена на илјада прикажувања (CPM), која е редовно под просекот за сите медиуми. Надворешното огласување е на добар пат за понатамошен напредок, со растечки пробив на дигиталното огласување, кое нуди можности за флексибилни креативи прилагодени според публиката. Новите технологии, како што е препознавањето на лица, се прилагодуваат за подобрување на искуствата на купувачите, но огласувачите исто така мора да ги послушаат и грижите на потрошувачите “.