Центарот за кариерен развој и советување на студенти од белградскиот универзитет, неодамна, во соработка со агенцијата McCann Белград, успешно ја реализираше првата Летна школа за огласување насловена “Адвертајзинг за почетници – Get Creative With McCann Beograd”. Проектот е резултат на успешна долгогодишна соработка на полето на организирање и имплементација на практикантска работа за студенти на Универзитетот во Белград во агенциите членки на Групацијата I&F, чиј дел е и McCann Белград.
Целокупната соработка, како и самиот проект, има за цел да ги приближи студентите заинтересирани за кариера во сферата на маркетингот до можните области за усовршување и работа, професии и најнови трендови во полето на адвертајзингот. Во рамки на првата Летна школа за адвертајзинг, како дел од петдневната програма составена од предавања и работилници водени од вработени во агенцијата McCann Белград, учество зеде мултидисциплинарна група од 25 студенти.
„Од гледна точка на агенцијата како еден од организаторите на проектот, презадоволни сме од резултатите на првата Летна школа за адвертајзинг за почетници. Соработката со Центарот за кариерен развој се покажа како голем успех и веруваме дека ова е само прв од низата проекти кои ќе ги реализираме заедно, а доказ за тоа е и потпишувањето на Договорот за соработка“ – изјави Владимир Глигориќ, специјалист за човечки ресурси при агенцијата McCann Белград, кој додаде дека учесниците ја оцениле Летната школа со просечна оценка од 4,94 од 5, што е знак дека предавачите одлично си ја завршиле работата.
Во рамки на школата, студентите имаа можност преку предавања да обработат теми како што се основните поими во адвертајзингот, врските помеѓу адвертајзингот и маркетингот, концептот на агенција, нејзината структура и процеси, но и основите на стратегијата, алатките за анализа на целна групна, начини на согледување и анализа на пазарот, позиционирање на брендот и создавање на бренд идентитет. На претпоследниот ден, учесниците во школата работеа со креативниот тим на агенцијата, стекнаа увид во улогата и важноста на креативните идеи и основите на креативните процеси и алатки.
Покрај слушањето на стручните предавања, студентите од прва рака го искусија и агенцискиот живот преку посета на канцелариите на агенцијата McCann Белград на Теразије, што беше дополнителна можност да се запознаат со работата на агенцијата, како и да постават дополнителни прашања, да ги продолжат дискусиите започнати за време на предавањата, но и да уживаат во неделното неформално дружење со сите вработени во дворот на зградата, каде што се освежија, одморија и ги средија впечатоците.
Исто така, учесниците на школата беа ставени на предизвик да решаваат задачи во група. Тие ги презентираа своите трудови на последниот ден, пред останатите учесници и предавачи, а потоа добија повратни информации, совети и насоки во однос на применетите алатки. Потоа им беа доделени сертификати за присуство на програмата и сите беа поканети да се пријават за практикантска работа во претстојниот период.