Доделени наградите QUINTAUM – Македонските компании одлично место за работа и живот!
Успешно се одржа третата Интернационална конференција за искуство на клиенти и вработени во организација на Македонската асоцијација за искуство на клиенти и вработени, МАЦЕКС и Вита Институт. На конференцијата беа доделени и наградите QUINTAUM – Македонските компании одлично место за работа и живот!
На отворањето претседателката на МАЦЕКС, Христина Велковска го истакна значењето на искуството и како истото ги менува бизнисите: „Компаниите што создаваат супериорно искуство за клиентите и вработените можат да наплатат до 16% повеќе – и да градат лојалност што не се купува со попусти. Едно е повеќе од јасно, компаниите не можат да понудат брзо, интуитивно, и технолошки овозможено искуство на клиентите, ако нивните внатрешни процеси за вработените се бавни, на хартија и неповрзани. Но, и покрај автоматизацијата, 82% од клиентите сакаат повеќе човечка интеракција, особено во комплексни или чувствителни ситуации. Емпатијата, грижата и автентичната комуникација не можат лесно да се автоматизираат. Затоа зборуваме за Емоционална интелигенција кај луѓето, автентично лидерство и моќта на ефикасната комуникација.”
На отворањето Амбасадорот на Словенија господинот Грегор Прескер како голем поддржувач на активностите на МАЦЕКС истакна: „Нема поважно од луѓето и човечкото искуство! Предизвик е за македонската економија да се унапредува и да ги задржува талентите во земјата!”
По втор пат беа доделени и наградите QUINTAUM, на компании орентирани кон луѓето. “Мисијата ни е да ги потикнуваме македонските компании да се трансформираат во одлични места за работа и живот” – истакна Христина Велковска.
Годинава има 5 компании кои ги исполнија критериумите. Од кои 4 ја добија наградата „Одлично место за работа и живот”, а една ја доби наградата “Добро место за работа и живот”.
- Во категоријата микро и мали компании „Анни Фарм” ја доби наградата „Одлично место за работа и живот”
- Во категоријата средни компании „КРОАЦИЈА НЕЖИВОТ” и „КОЛА ГРУПА” ја добија наградата „Одлично место за работа и живот”
- Во категоријата големи компании: „ТИНЕКС” ја доби наградата „Добро место за работа и живот” додека „ЗЕГИН” ја доби наградата за „Одлично место за работа и живот”.
Претставници на компаниите ги примија наградите, со порака до сите дека оваа дијагностика им помага да ги согледаат состојбите и по фокусирано да работат на подобрување, сите потврдуваат дека да се знае искуството на вработените е многу важно и претставува прв сигнал за успехот на компанијата!
Основачката на QUINATUM дијагностиката, др. Андреја Кодрин појасни: “Оваа година резултатите на национално ниво укажуваат дека има подобрување во однос на продуктивноста, ефикасноста на менаџментот и подготвеноста за раст и развој кај вработените, додека послаби остануваат задоволството од финансиските и нефинансиските награди и исцрпеноста од работа за што не постојат доволно начини за баланс и добросостојба за вработените.”