Одобрувањето на повелбата беше поддржано од над 500.000 новинари од целиот свет.
Претставниците на новинарските синдикати ширум светот ја усвоија новата глобална етичка повелба за новинарите, на 30-тиот Конгрес на Меѓународната федерација на новинари што се одржа во Тунис, во јуни оваа година.
Претставниците на повеќе од 500.000 новинари кои го поддржаа усвојувањето на овој документ, во следните неколку месеци ќе се залагаат за зајакнување на етичките стандарди на новинарите ширум светот.
Повелбата е заснована на етички стандарди усвоени со Декларацијата за принципите за однесување на новинарите од 1954 година, што е најприфатениот документ за новинарската етика досега. Бидејќи овој документ беше креиран пред 65 години во францускиот град Бордо, а последен пат беше ажуриран во 1986 година, неопходно беше да се донесе нова повелба која ќе биде прилагодена на тековните предизвици со кои се соочуваат медиумите.
Документот се состои од 16 члена и преамбула со која се дефинираат етичките должности и права на новинарите врз основа на меѓународни права, особено Универзалната декларација за човекови права.
“Одговорноста на новинарите кон јавноста има предност во однос на која било друга одговорност, особено пред нивните работодавачи и јавни органи”, се вели во преамбулата на повелбата, чии одредби вклучуваат почитување на вистината, заштита на изворот и забрана за дискриминација. За да се практикува новинарството како професија, Повелбата потсетува дека тоа “бара време, средства и ресурси”.
На изготвување на повелбата работеа 16 лица, вклучително и етички експерти и претставници на Меѓународната федерација на новинари.
“Усвојувањето на Глобалната повелба за етиката на новинарите е пресвртница во историјата на Меѓународната федерација на новинари, бидејќи етиката е еден од основните нејзини столбови од кога беше создадена во 1926 година. Овој нов документ ги презема професионалните должности од 1954 година, но вклучува и права во светот каде што таа професија се злоупотребува”, рече генералниот секретар на Меѓународната федерација на новинари, Ентони Беленџер.
Целиот документ на англиски јазик е достапен тука.