Повеќе од 1000 посетители досега имаа можност да уживаат во уникатниот настан A1 Drive-in Cinema кој се отвори на 29 септември, а беше дел од одбележувањето на првиот роденден на А1 Македонија
Од компанијата велат дека идејата за А1 Drive-in киното се родила како резултат на потрагата на модел за безбедна социјализација во време на пандемија, особено земајќи го предвид фактот дека љубителите на големото платно подолг период немаа можност да ги посетуваат кино салите, па оттука, 7-дневен филмски настан кој овозможува уживање во седмата уметност од удобноста и безбедноста на автомобилот се чини како вистински полн погодок.
Интересот на публиката за добри филмски наслови беше навистина голем, а досегашниот шестдневен репертоар понуди врвна филмска програма од повеќе жанрови и говорни подрачја, почнувајќи од оскаровецот „Паразит“, преку внимателна селекција на некои од најпопуларните филмски остварувањата од последниве две години, како „Вистина“ (The Truth, 2019), „Уште една тура“ (Another Round, 2020), „Пинокио“ (Pinocchio, 2019), „Офицер и шпион“ (An Officer and a Spy, 2019) и „Проксима“ (Proxima, 2019).
Сите овие шест филмски вечери се бараше место повеќе бидејќи за сите проекции влезниците беа резервирани практично првиот ден. За вечерва останува уште проекцијата на популарниот документарец за фронтменот на поранешната група „Оејзис“ (Oasis), „Лиам Галагер: Како што беше“ (Liam Gallagher: As It Was, 2019), со кој и се затвора на фестивалот.
За оние кои не знаат, овој „рокументарец“ го следи британскиот пејач, обидувајќи се да направи соло „камбек“ на музичката сцена. Всушност, филмот раскажува искрена и емотивна приказна за тоа како еден од највозбудливите фронтмени на „рокенролот“ паѓа од врвот на својата популарност во времето на историскиот хит на „Оејзис“ – „Champagne Supernova“ до состојба на живеење на работ, исфрлен и изгубен во музичката пустина на алкохол, озлогласеност и бескрајни, горчливи правни битки како резултат на распаѓањето на бендот.
Почнувајќи повторно сам, Лиам ризикува сè за да го направи најголемиот рокенрол „камбек“ на сите времиња. Режисерите Чарли Лајтинг и Гевин Фицџералд нè покануваат зад сцената, да ѕирнеме, без никакви забрани, во животот на еден од најозборуваните и харизматичните уметници од неговата генерација.