Наградите Pentawards се основани во 2007 година, а од почетокот на натпреварувањето досега биле поднесени речиси 40 илјади апликации од повеќе од 90 земји низ светот
Хрватскиот бренд Podravka и агенцијата Bruketa&Žinić&Grey освоија сребрена награда на меѓународниот натпревар Pentawards, во категоријата „Brand Identity & Connected Packaging – Design with Purpose“ („Бренд идентитет и поврзана амбалажа – Дизајн со цел“). Pentawards претставува едно од најпрестижните светски натпреварувања, посветено на дизајнот на амбалажа и визуелниот идентитет на брендови. Секоја година ги обединува водечките експерти и членови на жиријата од познати светски агенции и брендови, а наградите се доделуваат за иновативност, функционалност и естетска вредност на дизајнот.
На овогодинешното издание беше наградено лимитираното издание на Vegeta BIO, осмислено по повод 65-годишнината од брендот. Vegeta, оригиналната мешавина од сушен зеленчук и зачини што во 1959 година ја создала професорката Злата Бартл, беше првиот универзален зачин во Централна и Источна Европа, како и симбол на времето кога жените преземаа поактивна улога во општеството и се бореа за рамноправност во домот и на работното место.
Лимитираното пакување потсетува на почетоците на Vegeta и поттикнува еднаква распределба на домашните обврски. Дизајнирано е како алатка за сите оние мажи кои сè уште учат како професионално да користат шпатула, а содржи и детални упатства за користење на машина за садови. Инспирирано од оригиналното метално пакување, тоа ја открива богатата историја на Vegeta и ги поврзува корисниците со онлајн збирка на едноставни рецепти. Лимитираното издание беше достапно само на 8 март – Меѓународниот ден на жената.
Со освојувањето на наградата на Pentawards, проектот Vegeta BIO е потврден како пример на дизајн со јасна цел (Design with Purpose) – дизајн кој преку својата форма ги комуницира вредностите на брендот и придонесува за неговата практична примена во секојдневниот живот. Наградната церемонија се одржа на 4 октомври 2025 година во Амстердам, а списокот на сите добитници е достапен на следниот ЛИНК.