Британскиот финансиски регулатор ја забрани Binance, една од водечките берзи на крипто валути во светот.
„Бајнанс маркетс лимитид не смее да презема никакви регулирани активности во Велика Британија“, се вели во соопштението на Британскиот финансиски регулатор.
Binance, е една од најголемите берзи за тргување со крипто валути во светот, која на корисниците им нуди низа финансиски производи и услуги, вклучувајќи купување и тргување со широк спектар на дигитални валути, како и дигитални паричници, фјучерси, хартии од вредност, штедни сметки, па дури и позајмици.
„Ниту еден субјект во групата Binance нема каков било вид одобрување, регистрација или лиценца за вршење регулирани активности во Велика Британија“, се додава во соопштението.
Тргувањето со криптовалути не е директно регулирано во Велика Британија, но за други слични активности, како што е продажба на финансиски деривати, потребно е одобрување.
Британскиот финансиски регулатор исто така објави предупредување за потрошувачите на Binance.com, советувајќи ги луѓето да бидат претпазливи за рекламите што ветуваат високи приноси за инвестициите во крипто-валути.