Британската национална регулаторна агенција за огласување забрани рекламна кампања која им порачува на луѓето во Велика Британија дека е „време за купување на биткоини“, оценувајќи дека рекламата е погрешна.
Постерите на платформата за трговија со криптовалути Луно, залепени оваа година на композиции на возови низ мрежата на подземната железница во Лондон и на автобусите во Лондон, покажуваат исцртана слика на биткоин и порака: „Ако видите биткоин под земја, време е да купите“, која користи игра на зборови со терминот „underground“, што означува и подземна железница.
Агенцијата за стандарди во огласувањето објави дека оваа реклама во сегашната форма не смее повеќе да се прикажува, бидејќи не предупредува на ризиците, пренесува CNBC.
Регулаторното тело изјави дека добило четири жалби во врска со рекламата, со тоа што во три од нив се замерува дека „рекламата не укажува на ризиците и ги доведува луѓето во заблуда“, а во една се оценува дека рекламата го искористува неискуството или лековерноста на потрошувачите.
Според агенцијата, рекламната порака дека „време е за купување“ може да се протолкува како повик за акција и да создаде впечаток дека инвестирањето во биткоин е едноставно и достапно.
„Инвестирањето во биткоин е комплексно, нестабилно и може да ги изложи на инвеститорите на загуба, што е спротивно на впечатокот што произлегува од рекламата дека оваа инвестиција е едноставна и конвенционална. Затоа, заклучивме дека рекламата неодговорно сугерира дека вклучувањето во инвестиции во биткоини преку платформата Луно е едноставно и лесно“, стои во одлуката.
На компанијата Луно и` беше препорачано во идните маркетинг комуникации да нагласи „доволно јасно дека вредноста на инвестициите во биткоин е променлива“, односно дека може да падне и да расте, како и дека активностите на компанијата и пазарот на биткоини не се законски регулирани.