Телекомуникацискиот гигант Verizon и адвертајзинг агенцијата Goodby Silverstein се најновите големи компании кои се приклучуваат кон бојкотот на Фејсбук.
„Ние имаме строги политики за содржина и имаме нула толеранција кога тие ќе се нарушат – затоа превземаме акција. Ние го запираме нашето огласување сé додека Фејсбук не создаде прифатливо решение со кое ќе бидеме задоволни и е конзистентно со односот што го имаме со YouTube и други партнери,“ изјави Џон Нити, генерален медиумски директор на Verizon.
Од агенцијата Goodby Silverstein, членови на групацијата Omnicom, соопштија дека се приклучуваат кон иницијативата #StopHate4Profit и ќе запрат да постираат на Фејсбук во текот на месец јули. „Ние ја превземаме оваа акција за да протестираме против неодговорното ширење на говор на омраза, расизам и погрешни информации за изборите на платформата. Ги охрабруваме нашите клиенти и луѓе да ни се придружат,“ стои во соопштението на агенцијата.
Портфолиото на клиенти на Goodby Silverstein вклучува големи светски компании како BMW, HP, PayPal, Pepsi, Doritos и Adobe, но засега ниту една од нив не го има соопштено своето приклучување кон бојкотот.
Иницијативата за бојкот и прекин на огласувањето на Фејсбук започна како реакција кон одбивањето на социјалната мрежа да го цензурира американскиот претседател Доналд Трамп.