Иако Мета пред некоја година се позиционираше како компанија примарно насочена кон виртуелната реалност, овогодишното издание на конференцијата за девелопери Meta Connect (25 – 26 септември 2024) навестува дека технолошкиот гигант сè повеќе се фокусира на проширената реалност (AR) и вештачката интелигенција (AI).
Најзначајно е тоа што компанијата ја претстави Llama 3.2, најновата верзија на нејзиното семејство на големи јазични модели со отворен код. Новите модели се мултимодални и способни да реагираат и на текст и на слики.
На сцената во Менло Парк, Калифорнија, Марк Зукерберг ја опиша посветеноста на компанијата кон моделите со отворен код како дел од поширок тренд кој ќе биде од корист и за девелоперите на вештачка интелигенција и за корисниците.
Како и повеќето големи технолошки компании, Мета ја направи вештачката интелигенција клучен фокус по лансирањето и последователната ескпанзија на ChatGPT од страна на OpenAI пред речиси две години. Според Зукерберг, компанијата постигнала значителен напредок во таа сфера: апликациите со вештачка интелигенција на Мета сега имаат околу 500 милиони корисници
Другите новости поврзани со вештачката интелигенција најавени на Meta Connect вклучуваат аватари генерирани од вештачка интелигенција за креаторите на содржини, како и автоматско синхронизирање помеѓу англиски и шпански јазик кај кратките видеа на Instagram и Facebook. На платформата Meta AI отсега ќе бидат достапни и виртуелни гласови моделирани по славни личности како Џон Сена, Џуди Денч и Авквафина.
Во однос на новитетите во сферата на проширената реалност (AR), компанијата најави продлабочување на партнерството со Ray-Ban во развојот на паметни очила. Новите модели се дизајнирани да бидат попривлечни и да се чувствуваат поприродно за секојдневна употреба.
Зукерберг исто така го претстави Orion, нов модел на паметни очила што Мета засега ќе го тестира со мала група девелопери.
Иако вештачката интелигенција и проширената реалност зазедоа централно место на конференцијата Meta Connect, технолошкиот гигант јасно стави до знаење дека не се откажува од својот метаверзум.
Компанијата го дебитираше новиот хедсет за виртуелна реалност Quest 3S, кој ќе се продава по цена од 299 долари. Заедно со Quest 3S ќе биде лансиран и понапредниот Quest 3, пософистициран модел кој ќе чини помеѓу 499 и 649 долари.
На настанот исто така беа најавени нови и подобрени аватари во платформата за виртуелна реалност Horizon Worlds, како и воведувањето на таканаречени „Хиперпростори“ (Hyperspaces) кои Зукерберг ги опиша како „фотореалистични“ виртуелни средини.