Од Фејсбук се надеваат дека вештачката интелигенција ќе помогне да се воведе ред на оваа социјална мрежа, барем што се однесува до групите.
Фејсбук долго време има проблеми со дискусиите во групи кои многу брзо се претвораат во кавги и навреди. Како да се модерираат ваквите дебати и да им се дозволи на секој да каже што мисли, без да се загрози нивното право на слобода на говор или да се поттикне говор на омраза?
Во Фејсбук веруваат дека пронашле начин. Тие ќе користат вештачка интелигенција како еден вид модератор. Самата вештачка интелигенција нема да биде модератор или администратор во групата, туку ќе му сигнализира на модераторот дека нешто сомнително се случува.
Вештачката интелигенција на тој начин ќе испрати „аларм за конфликт“ до администраторите или модераторите на групата, доколку заклучи дека дискусијата е „нездрава“ или „контроверзна“.
Ова треба да им помогне на милиони луѓе кои ги модерираат и управуваат со групите да ја одржат дебатата на повеќе или помалку цивилизирано ниво.
Како што објаснија од Фејсбук, вештачката интелигенција ќе искористи неколку начини да процени дали дискусијата се одржува во здрави рамки. Меѓу другото, ќе следи колку пати е одговорено на некој коментар и воопшто колку коментари има на објавата.
Во случај администраторот да добие „аларм за конфликт“, им се нудат неколку опции за смирување на ситуацијата – од ограничување на тоа колку често член на група може да коментира до ограничување на тоа колку брзо може да се коментира објавата. Исто така, администраторите можат и самите да креираат аларми што ќе ги предупредат доколку во дискусијата се користат одредени зборови што се сметаат за несоодветни.
Од Фејсбук се надеваат дека вештачката интелигенција ќе помогне да се воведе ред на оваа социјална мрежа, барем што се однесува до групите.
Да потсетиме, минатата година Фејсбук објави дека секој месец повеќе од 1,8 милијарди луѓе учествуваат во некаква група и дека бројот на активни групи на оваа социјална мрежа е десетици милиони.