Дури 80 отсто од претставниците на европската индустрија на дигитално огласување веруваат дека вештачката интелигенција носи нова индустриска револуција што значително ќе влијае на иднината на дигиталното огласување
Ова се резултатите од пан-европското истражување, кое помеѓу повеќе од илјада носители на одлуки го спроведе дигиталната медиска агенција Xaxis, во соработка со Европското биро за интерактивно огласување (IAB). Истражувањето се обиде да го испита тековното и идното влијание на вештачката интелигенција врз дигиталното огласување. Во извештајот Вештачка интелигенција: мит наспроти реалноста во светот на дигиталното огласување, утврдено е дека носителите на одлуки во светот на дигиталното огласување, заедно со огласувачите, агенциите, медиумите и посредниците, препознаваат очигледен придонес кој вештачката интелигенција го обезбедува во постигнување на резултатите на дигиталниот огласувачки екосистем.
Речиси 80% од испитаниците сметаат дека ја разбираат вештачката интелигенција, а повеќето од нив се убедени дека тоа позитивно ќе влијае на остварувањето на нивните бизнис цели. Половина од нив тврдат дека вештачката интелигенција веќе ја подобрила нивната продуктивност и ја зголемила нивната конкурентност. Пред се` ја истакнале можноста за подобро таргетирање кое вештачката интелигенција го овозможува – пристап до вистинското лице на вистинско место во вистинско време. Подоброто таргетирање како голема предност на вештачката интелигенција го наведуваат 61% од агенциите, 42% од медиумите и 53% од посредниците.
Меѓу главните предизвици за иднината на вештачката интелигенција во дигиталното огласување, испитаниците го истакнуваат пред се` помалата контрола на човечкиот надзор (47%) и добивање веродостојни податоци (55%). Според истражувачите, треба да се одржува позитивна и продуктивна рамнотежа помеѓу вештачката интелигенција, човечката работа и крајните корисници.
“Најголемиот потенцијал на вештачката интелигенција, кој уште ниту оддалеку не е искористен, е нејзината способност за достигнување на оптимални бизнис резултати, како и во употребата на едноставни параметри”, смета Џон Витсел, претседател за регионот на EMEA во компанијата Xaxis, додека Таунсенд Фихан, директор на IAB Европа додава дека употребата на вештачката интелигенција во дигиталното огласување овозможува подобро таргетирање, оптимизација и раст на бизнисот.