Во пресрет на Денот на вљубените, мобилната апликација Viber започнува со пред-регистрација на корисници од неколку избрани пазари за нова услуга за запознавање (Viber Dating), слична на платформи како Tinder, Match, Bumble и други.
Во јануари листата на чекање за новата услуга беше отворена за корисниците од Филипините, Србија и Босна и Херцеговина, а од вчера (13 февруари) таа е достапна и во Украина.
Viber Dating треба да им помогне на корисниците да запознаваат вистински луѓе онлајн. Притоа, сите профили за запознавање ќе бидат поврзани со нивната главна сметка на Viber, а со тоа и со телефонските броеви. Но, за да се одржи приватноста, телефонските броеви во Viber Dating ќе бидат скриени.
Пред лансирањето на оваа функција, компанијата спровела истражување за да открие со какви проблеми се соочуваат корисниците на другите апликации за запознавање. Резултатите покажале дека речиси половина од испитаниците (45%) сметаат дека лажните информации во профилите се клучен проблем, а четвртина од испитаниците како таков проблем ги наведуваат измамите (26%).
Од компанијата велат дека Viber Dating ги решава овие проблеми, бидејќи сите профили се реални, креирани од луѓе кои веќе имаат корисничка сметка на Viber. Во исто време, функцијата ќе работи во согласност со сите барања за приватност и доверливост. Профилот за запознавање ќе биде одделен од главната сметка, а телефонските броеви на корисниците на Viber Dating секогаш ќе бидат скриени.