Студија на Оксфорд Интернет институтот покажа дека пред да се отстранат овие содржини на YouTube имале околу 150 000 прегледи
Видеата на YouTube кои содржат дезинформации за вирусот корона најчесто се шират преку социјалните мрежи, пред се` преку Фејсбук, каде што ваквата содржина била споделена скоро 20 милиони пати во периодот од октомври 2019 година до јуни 2020 година, според студијата на Оксфорд Интернет институтот.
Истражувањето опфати повеќе од милион видеа на YouTube кои беа поврзани со вирусот корона, по што од таа платформа беа отстранети видеа кои имаа дезинформации за овој вирус. Авторите на истражувањето наведуваат дека спорната содржина имала просечно 150.000 прегледи пред да биде отстранета од YouTube и дека и покрај алгоритмите за спречување на ширењето на дезинформации, на YouTube му биле потребни околу 41 ден за да се отстрани проблематичната содржина.
Пред да се отстранат видеата со дезинформации за корона вирусот на YouTube, најголем број реакции на публиката биле забележани на Фејсбук, а истражувањето покажа дека таквата содржина има околу 11 илјади лајкови, коментари и споделувања. Кога станува збор за Твитер, проблематичната содржина се шири во помала мера преку оваа социјална мрежа, а истражувањето покажа дека таквата содржина е ретвитувана во просек 63 пати.
Истражувач од Оксфорд Интернет институтот, Алекси Кнутила, вели дека истражувањето покажало дека видеата со дезинформации за корона вирусот имаат огромна публика, што негативно влијаело на ставовите и однесувањето на граѓаните, а платформите како „Јутјуб“ и „Фејсбук“ требало да обезбедат само точни и проверени информации.
Институтот наведува дека видеата со дезинформации за вирусот корона достигнуваат поголема публика на социјалните мрежи отколку вкупната содржина која преку YouTube ја дистрибуираат најголемите медиумски куќи на англиски јазик, како што се CNN, BBC, ABC News, Fox News и Al Jazeerа, чии видеа се споделени 15 милиони пати.
Истражувањето исто така покажа дека само 250 групи на Фејсбук се одговорни за половина од видливоста што ја добиваат видеата што содржат дезинформации за корона вирусот, а се работи за групи што се против вакцинација, како и оние кои се фокусирани на мрежата 5G, но исто така и музички и религиозни организации. Најпопуларните дезинформации наведени во истражувањето се дезинформациите за начините на лекување и заштита од заразата со корона вирусот.
Покрај Фејсбук и Твитер, анализирана е и содржината на глобалната платформа Редит, а целото истражување е достапно на овој линк.