Еден од основачите на Википедија, Џими Велс, има намера да направи алтернатива на Фејсбук и Твитер. Уште пред две години тој ја лансираше WikiTribune, онлајн публикација чија цел беше борба против лажните вести која ќе ги објавува извештаите на репортерите и новинарите аматери.
Со оглед на тоа што проектот не заживеа, Велс одлучи да ја промени својата стратегија. WikiTribune се претвори во социјална мрежа и платформа за споделување вести.
Тој се надева дека со текот на времето, мрежата ќе стане популарна како Фејсбук и Твитер, бидејќи им овозможува на корисниците да споделуваат постови.
Мрежата ќе биде финансирана од донации, а не од реклами. Тој деловен модел, според мислењето на Велс, се покажа како неуспешен и донесе огромна количина содржина со низок квалитет.
За разлика од споменатите социјални мрежи, чии алгоритми „на врвот “ ги ставаат постовите со најмногу коментари или лајкови, WT Social секогаш ги покажува најновите линкови.
Идејата е дека оваа социјална мрежа ќе се фокусира на малите заедници, на кои ќе им обезбеди ефикасно средство за промоција и комуникација.
Пристапот до платформата WT Social секогаш ќе биде бесплатен, иако доколку сакате да се приклучите, треба да се регистрирате на листата на чекање, да донирате пари или да поканите пријатели.
Иако има само еден месец, новата социјална мрежа веќе има 50.000 корисници.